ЗГ „Центар за климатски промени“ со поддршка на Цивика Мобилитас во јули 2020 започна со спроведување на проектот „Граѓанска платформа за следење на преговорите со ЕУ за поглавје 27“ чија главна цел е да ги следи преговорите со ЕУ за Поглавјето 27 – животна средина и климатски промени, односно преку соработка на граѓанските организации активни во областа на животната средина да подготви и презентира извештај (shadow report) за сегашната состојба, предизвици и идни приоритети во областа на животната средина и климатските промени. Имено, преку формирање на Платформата за следење на преговорите за Поглавјето 27 и подготвување на извештајот, граѓанскиот сектор настојува да има активно и конструктивно учество во преговорите и да биде партнер со јавните чинители, особено со Министерството за животна средина и просторно планирање, во обезбедување на транспарентност и вклученост на сите засегнати страни при утврдување на сегашната состојба и приоритетите во областа на животната средина и климатските промени.

Во ноември 2021, Центарот за климатски промени го издаде Првиот извештај во сенка за Поглавје 27 – животна средина и климатски промени, во кој се анализира моменталната состојба со животната средина и климатските промени во државата и тоа од аспект на усогласување на ЕУ законодавството за животна средина и клима, неговата имплементација и административните капацитети за спроведување на законодавството за животна средина. Извештајот дава препораки кои според граѓанските организации се важни за подобрување на состојбата со животната средина во РСМ и претставува алатка за координирање на комуникација на ГО со надлежните органи.

Извештајот можете да го погледнете тука.

Се очекува преку Платформата да се зајакнат капацитетите на граѓанските организации да го следат процесот на преговарање со ЕУ и да се подобри нивната улога во процесот за приближување и подготовка за преговори со ЕУ за Поглавје 27.

Идејата и потребата за формирање на Платформата 27 за животна средина произлезе уште минатата година кога во мај Република Северна Македонија го реализираше објаснувачкиот состанок за Поглавјето 27 – Животна средина и климатски промени во Брисел на кој Европската Комисија даде објаснување за европската регулатива (директиви и регулативи) кои ќе бидат дел од ЕУ преговорите. Се очекува во блиска иднина Северна Македонија да ги започне проговорите со одржување на првата Меѓувладина конференција. Независно кога ќе ги отпочнеме преговорите, јасно е дека треба колку што е можно побрзо да се започне со подготовка за ЕУ преговорите, особено за Поглавјето 27, кое се смета за едно од најкомплексните и секако најскапо од сите останати поглавја  што ќе се преговараат со ЕУ.

Во процесот на подготовка е многу важно да се води континуиран дијалог со релевантните засегнати страни. За Поглавје 27, еден од најважните и значајни чинители се граѓанските организации (ГО) кои се активни во секторот животна средина и климатските промени.

Повеќе информации за Платформа 27 може да прочитате на www.platforma27.mk

електронски билтенIzvestaj