Се почесто сме сведоци на долги и жешки лета со екстремно високи температури кои траат подолг период и се помалку врнежи во текот на годината. Исто така, се почести се и екстремните временски настани како што се поплави, силни бури, град, a во некои делови во светот и појава на силни торнада, урагани, песочни бури и обилни снежни врнежи кои траат долго.

Според проценките кои се прават за Македонија, се очекува во иднина да се соочиме со потопла и посушна клима. Оваа промена највеќе ќе биде поврзана со идната концентрација на стакленички гасови. Поврзано со потоплата клима во иднина, се очекува зголемување на топлите екстремни настани и намалување на студените екстремни настани. Очекуваното намалување на летните врнежи и продолжувањето на времетраењето на последователните сушни денови ќе го зголемат ризикот од суша. Како резултат на потоплите временски услови, ќе се зголеми просечната должина на вегетацискиот период во државата.

Затоа потребна е итна акција од сите нас, затоа што сите ние можеме да влијаеме на намалување на емисиите на стакленички гасови а со тоа и намалување на ефектите од климатските промени.

#Преземи климатска акција и вклучи се во борбата со климатските промени е кампања на Центарот за климатски промени со цел подигнување на свеста за потребата од итна реакција и промена на однесувањето во користењето на ресурсите, поголема грижа за животната средина и потребата од намалувањето на ефектите од климатските промени.

Доколку сакате да се приклучите во оваа кампања се што треба да направите е да постирате фотографија на Вашиот  Фејсбук или Инстаграм профил под хаштагот #преземиклиматскаакција и да наведете каква акција сте преземале.

Најдобрите 10 климатски акции ќе бидат вклучени во промотивното видео кое ќе биде поставено на нашата веб страница и на социјалните медиуми.

 

#ПРЕЗЕМИКЛИМАТСКААКЦИЈА