Центар за климатски промени објавува повик за избор на 3 општини во Република Македонија за кои ќе се изработи Локален план за енергија и клима (ЛПЕК).
Активноста се спроведува во рамките на проектот „Зголемување на отпорноста кон климатските промени на локално ниво“, кој е финансиран во рамките на проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“ предводен од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест”, во соработка со „Македонското здружение на млади правници” и „Организација за поврзување на природни вредности и луѓе” (CNVP), а финансиски поддржан од Владата на Шведска.
ОПШТИ ИНФОРМАЦИИ
Општа цел на проектот е да се зголеми отпорноста кон климатски промени на локално ниво преку подобро планирање, зголемена свест и соработка на сите засегнати страни и ублажување на ефектите од климатските промени. Исто така проектот ќе допринесе за идентификување на главните сектори кои придонесуваат за емисии на стакленички гасови на локално ниво и проценка на ризик за ранливите сектори (води, шумарство и инфраструктура – локални патишта), но и градење на капацитетите на општинската администрација и локалните граѓански организации за значењето на климатската отпорност.
Изработените планови ќе им овозможат на општините одредена стратешка рамка за долгорочно, посветено и таргетирано справување со климатските промени и зајканување на климатската отпорност. Градењето на капацитетите на општинската админстрација, локалните граѓански организации и други засегнати страни, ќе влијае врз промена на применетите практики и во урбанистичкото планирање и во проектирањето на инфраструктурата, како и во економските дејности кои се најранливи на климатските промени, но и генерално ќе придонесе за посветеноста кон декарбонизација на секој од секторите. Зајакнатите капацитети, во вид на нови знаења и свесност за климатската отпорност кај младите и локалните граѓански организации, ќе придонесат да бидат еден вид коректор на однесувањето и работењето на надлежните на локално ниво за сите аспекти и прашања во развојот на локалната самоуправа кои влијаат врз климатската отпорност. Исто така, проекните активности предвидуваат комуникација со пошироката јавност која ќе се запознае со сериозноста на последиците од климатските промени и важноста на климатската отпорност, со што се зајакнува нивниот капацитет во оценувањето на приоритетите кои си ги поставува локалната власт и начинот на кој ги донесува и имплементира своите политики.
ОПИС НА АКТИВНОСТИТЕ КОИ ЌЕ СЕ РЕАЛИЗИРААТ ВО ОДБРАНИТЕ ОПШТИНИ
За општините кои ќе бидат одбрани да бидат дел од проектот ќе бидат изработени Локални планови за енергија и клима. Плановите ќе се засноваат на преглед на изворите на емисија на стакленички гасови односно главните сектори кои допринесуваат за емисија на стакленички гасови, но и секторите кои се најзасегнати од климатските промени кои се случуваат на локално ниво (води, шумарство и инфраструктура – локални патишта). Понатаму, во соработка со одбраните експерти и податоците прибрани ќе се направи проценка на ризик за неколку ранливи сектори (води, шумарство и инфраструктура – локални патишта). Врз основа на овие проценки ќе бидат идентификувани мерки за намалување на емисиите, како и соодветни активности за адапатација кон климатските промени во наведените сектори. Мерки за ублажување и адаптација на климатските промени ќе вклучуваат прецизни временски рамки на реализација, улоги и одговорности, проценета вредност на инвестицијата и истите ќе бидат структурирани во акциони годишни планови за реализација на ЛПЕК. Понатаму, врз основа на подготвените ЛПЕК и акциските планови, но и подготвеност за во секоја од општините ќе се селектира по еден објект (училиште) и/или друг јавен објект, односно терен подложен на ерозија и сл., со цел реализација на конкретна инвестиција односно мерка за адаптација и ублажување на климатските промени.
ПРАВО НА УЧЕСТВО И КРИТЕРИУМИ ЗА СЕЛЕКЦИЈА
Право на учество имаат сите општини на територија на Република Македонија, односно сите општини кои ги исполнуваат критериумите пропишани во рамките на овој повик. Притоа општините потребно е да располагаат и да бидат во можност да обезбедат податоци за потрошувачка на енергија во рамките на општината, податоци за индустриска активност и релевантни документи (А и Б ИСКЗ дозволи, елаборати, податоци од мерења), податоци за временски непогоди и настаната штета, но и да поседува важечки плански документи поврзани со енергија и клима.
Селекција на општините ќе се одвива врз основа на степенот на ранливост кон климатските промени и кај кои во изминатиот период последиците од климатските промени во комбинација со несоодветната и /или недоволно развиена инфраструктура резултирале во сериозни штети по имотот и претставуваат сериозен ризик за здравјето и животот на локалните жители. При оценувањето на апликациите ќе се земе во предвид дали во рамките на општината или во нејзина непосредна близина има мерно место што ги мониторира климатско-метеоролошките и хидролошките параметри (хидролошка и метеоролошка станица).
Трите општини ќе бидат одбрани врз основа на методот на бодување на исполнетост на дадените критериуми со што евалуацијата на пријавените општини ќе се спроведе на брз и транспарентен начин.
НАЧИН НА АПЛИКАЦИЈА
Пријавувањето на Јавниот повик се врши со доставување на пополнета пријава. Пријавата се презема од веб страната на Центар за климатски промени www.ckp.org.mk и се пополнува со впишување податоци на означеното место. Пријави кои ќе бидат доставени по истекот на рокот на Јавниот повик, пополнети на несоодветен образец и нецелосно пополнети пријави нема да бидат разгледувани.
Пријавите се доставуваат по е-маил на ckp.skopje@gmail.com со назнака за „Јавен повик за изработка локален план за енергија и клима“. Крајниот рок за доставување на пријавите е 03.05.2026 до 16:00 часот.