Оддржан завршен настан на проект за одржливост

објавено во АКТИВНОСТИ, ОБЈАВИ | 0

Завршниот настан за проектот „Поттикнување одржливи начини на работа во новата дигитална ера“ спроведуван од Центар за климатски промени во соработка со Геосфера од Битола и БИКЦ од Сандански, Бугарија а беше финансиран преку Националната Агенција за европски образовни програми и мобилност се оддржа на Денот на планетата Земја, 22 април.

За време на настанот ги промовиравме спроведените активности и постигнатите резултати во рамките на проектот каде еден од главните резултати е Патоказот за одржливи практики и неговата примена од страна на 3 граѓански организации. За да ја заштитиме животната средина неопходно е сите да работиме и да применуваме одржливи практики во рамките на своите можности, па така и овој проект не ги поттикна организациите само да промовираат, туку и да применуваат одржливи практики кои директно допринесуваат за намалување на негативните влијанија врз животната средина.

На настанот беа присутни повеќе од 30 претставници од различни целни групи/засегнати страни: граѓански организации, општини, меѓународни организации, бизнис сектор, и други институции.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 


Патоказот, Водичот и алатката за проценка на одржливи практики, ги пилотиравме во 3 организации:
ЦеПроСАРД, Еко-Живот и Еко-Свест. Претставници од овие организации беа дел од панел дискусијата на која ги споделија нивните искуства во поглед на примена на одржливи практики.

“Ние во Цепросард имаме воспоставено пракса каде што пауза за ручек користиме заедно. На таков начин се троши помалку електрична енергија затоа што храната одеднаш ја подгреваме, фрижидерот еднаш го отвораме, топлата вода ја користиме сите. Истовремено ваквата пракса ни овозможува да се дружиме сите, да направиме и кратки состаноци и да се информираме за новостите во организацијата. Користиме и заеднички превоз до работа со што целиме кон тоа емисиите за транспорт значително да ги намалиме“, изјави Сања Трпковска, проектен координатор во Цепросард.

“Во Еко-свест пак имаме кодекс за работни практики кои мора сите вработени да го почитуваат, а доколку не го почитуваат добиваат јавна опомена“, рече Елена Николовска, програмски координатор во Еко-свест. Неопходно е да се работи на подобрување на инфраструктурата за да може да се користат повеќе одржливи практики и тоа како за овозможување на користење алтернативни извори на транспорт, па така и селекција на отпад, организација на настани на далечина и сл.

Еко – Живот од Кавадарци, иако помала организација не само што практикува одржливи практики за управување со отпад туку и работи на стимулирање на таквата пракса кај локалното население. Досега имаат реализирано повеќе проекти и активности за селекција на отпадна хартија, биомаса и отпад од текстил. Сите организации се согласија дека мора повеќе да се зборува за овие тема и за начинот на нивна примена. Свеста сеуште изостанува и неопходно е освен кај граѓанските организации, да се работи на подигнување на свеста кај институциите, општини, бизнис заедницата.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Воедно, ги повикуваме останатите организации да ја пополнат алатката за само-оценка на одржливите практики во својата организација и резултатите да ни ги испратат електронски. Оние кои ќе имаат над 50% усогласеност согласно алатката може да се стекнат со

Сертификат за одржливост со услов за усвојување на политика за одржливост со цел постојано подобрување.

Истовремено, имавме можност заедно со присутните учесници да разговаравме за бројни прашања поврзани со спроведување на одржливите практики во своите организации, начините за подобрување и понатамошните напори кои е потребно да ги преземеме за да постигнеме одржлив развој и да ја зачуваме Планетата. Грижата за животната средина и зачувување на Планетата започнува од секој поединец и затоа потребна е акција на секој од нас!

Повеќе информации за проектот и пристап до резултатите се достапни на следниот линк.