Зголемување на отпорноста кон климатските промени на локално ниво

објавено во ПРОЕКТИ | 0

Центарот за Климатски промени започна со спроведување на проектот “Зголемување на отпорноста кон климатските промени на локално ниво”.

 

Целта на проектот е да се зголеми отпорноста кон климатски промени на локално ниво преку подобро планирање, зголемена свест и соработка на сите засегнати страни и ублажување на ефектите од климатските промени преку идентификување на главните сектори кои придонесуваат за емисии на стакленички гасови на локално ниво и проценка на ризик за ранливите сектори, како и градење на капацитетите на општинската администрација и локалните граѓански организации за значењето на климатската отпорност.

Предвидените активности во рамките на овој проект се:

 

  • Извештај од анализа за најранливите општини на природни непогоди во Република Северна Македонија

 

Ќе се анализира ранливоста на општините во однос на климатските промени врз основа на претходно подготвен прашалник за појавата на екстремни временски настани (поплави, град, снежни наноси и шумски пожари). Прашалникот ќе биде доставен до сите општини со цел прибирање податоци поврзани со настаните за природни непогоди и и тоа во периодот од 2000 година до 2021 година притоа вклучувајќи го бројот на настани евидентирани во Комисиите за проценка на причинета материјална штета. Врз основа на оваа анализа ќе се одредат најранливите општини на природни непогоди, а анализата ќе вклучува и преглед на причинета материјална штета од истите.

 

  • Подобрени знаења за климатска отпорност, како и подобрени знаења за подобро планирање на активности за климатска отпорност на локално ниво

 

Ќе се одржат обуки за климатска отпорност на локално ниво со секоја општина која е избрана засебно, а ќе се одржи и обука за спроведување на активностите и ажурирање на Локалните планови за енергија и клима.

 

  • Комуникациски и дисеминациски активности

 

Посебен фокус ќе биде ставен на промоцијата на проектните активности и резултати на локално ниво (во општината каде конкретната активност се реализира), ПР текстови објавени на електронски медиуми и ТВ и радио промоции кои се поврзани со климатската отпорност, последиците од климатските промени, како и итната потреба од мерки и активности за адаптација и ублажување.

 

Проектот е финансиран од страна на Еко-свест со времетраење од 12 месеци (01.02.2023-31.01.2024)