ЦКП го заврши мапирањето на јавните објекти во општините Битола, Новаци, Могила и Тетово чија цел е одредување на потенцијалот за поставување фотоволтаични централи во овие општини. Во рамки на мапирањето, се направија мерења на објектите и се собраа релевантни податоци, со цел да се процени можноста за максимално искористување на кровната површина на објектите преку инсталирање на соларни панели.
Со ваквата активност ќе ја подобриме сигурноста во снабдувањето со електрична енергија во овие општини и активно ќе придонесеме кон енергетската транзиција во овие општини.
Како резултат на мерењата и анализите, ќе бидат подготвени кратки извештаи за секој јавен објект кои ќе имаат за цел да им помогнат на општините во планирање на инвестиции во фотоволтаични централи, со што ќе се намали зависноста од фосилни горива и ќе се овозможи поголема диверзификација во снабдувањето со електрична енергија.
Ваквите активности директно допринесуваат за постигнување на целите од Стратегијата за енергетика каде се очекува до 2030 година Северна Македонија треба да достигне минимум 38% удел на обновливи извори на енергија (ОИЕ) во вкупната потрошувачка на финална енергија, а до 2040 година тој удел да достигне 45% според зеленото сценарио.
Дополнително, Стратегијата предвидува изградба на фотонапонски централи со вкупен капацитет до 1.400 MW, што ја вклучува и инсталација на соларни системи на постојни јавни и приватни објекти – токму како што го предвидува и нашиот проект.
Стратегијата исто така повикува на јакнење на улогата на општините во енергетското планирање и промоција на производител-потрошувач (prosumer) модели, што е директно поврзано со активности во рамки на овој проект кој го спроведува ЦКП.
Според патоказот за праведна транзиција една од клучните мерки за регионите зависни од јаглен е инсталација на соларни централи на крововите на јавни објекти особено во Пелагонија и Југозападниот регион како што јавните згради како училиштата, здравствените домови и општинските институции се наведени како приоритетни носители на децентрализираната енергетска транзиција со цел демонстрација и вклучување на заедницата.
Патоказот исто така предвидува зголемување на капацитетите на општините преку техничка поддршка за развој на мали проекти за обновлива енергија енергетско планирање и користење на податоци за донесување одлуки како и поставување соларни системи на постоечка инфраструктура – токму како што го правиме со нашето теренско мапирање.
Во насока на праведност и инклузивност дополнително се промовираат модели за енергетски заедници и програми за соларна енергија за домаќинства со ниски приходи каде јавните објекти можат да бидат носители на заеднички системи и придобивките да се споделуваат со локалното население.
Дополнително проектот е во согласност со препораката од патоказот за користење на јавните згради како демонстративни објекти со што се зголемува свеста кај граѓаните и се отвораат можности за формирање енергетски заедници и ко-инвестирање во соларни решенија на локално ниво.
Овие активности се финансирани од страна на Фондација отворено општество за Западен Балкан а имплементирани од Центар за климатски промени.
Напишете коментар