Завршна конференција на проектот „Развивање и имплементација на здравствен индекс за загадување на воздухот во прекуграничниот регион – (TRAP)“

објавено во АКТИВНОСТИ | 0

На 8 јули со почеток од 11ч. во хотелот ,,Капри’’ во Битола се одржа завршна конференција на проектот „Развивање и имплементација на здравствен индекс за загадување на воздухот во прекуграничниот регион“– (TRAP). Во рамките на конференцијата беше  претставен планот за квалитетот на воздухот за Општина Битола, резултатите од студијата за пропорционирање на загадувачите на воздухот во градот Битола, инвентарот на емисии на загадувачките супстанци во воздухот за Југоисточниот плански регион, и здравствениот индекс за аерозагадувањето.

Студијата издвојува пет главни фактори на загадување на воздухот кои се однесуваат на непостоењето на централен систем за греење при што најголем процент од домаќинствата користат дрва за греење што заедно со нафтата и мазутот се едни од најголемите загадувачи на воздухот. Понатаму, и индустријата, производството на електрична енергија, но и градежните активности се одговорни за аерозагадувањето во Битола. Спор ед проф. Дејан Мираковски, најголем загадувач и покрај тоа што има сезонски карактер и го нема во целата година останува биомасата, односно согорувањето на биомасата учествува со 24%. Со дополнителни 18% учествуваат нафтата и мазутот, а потоа доаѓа производството на енергија, минералната прашина и сообраќајот.

Во рамките на проектот беше изработена и студија за проценка на здравствен ризик од аерозагадување, според која се утврди дека 15 проценти од смртноста кај населението се должи на аерозагадувањето. Тоа значи 15 проценти надминување на лимитот што го дава Светската здравствена организација – СЗО, додека нешто помал е лимитот што се надминува утврден од Европската Унија. Со вакви анализи и мерења како и имплеметирање на соодветни мерки за намалување на загдувањето овие смртни случаи може да се спречат. Со таргетирани акции можеме да спасиме животи и затоа потребна е мотивација за екоакции кои не треба да ги организираат само политичарите, туку и граѓаните и стопанските субјекти а да се практикува и  интерсекторско организирање на акции кои ги има во планот на овој проект. Притоа, мора да се спомене дека новите препораки на СЗО во однос на аерозагадувањето се уште построги и затоа треба да биде приоритет број еден што треба да се решава, без оглед на други проблеми во заедницата” – посочи  проф. Ѓорѓев од Институт за јавно здравје кој беше активно вклучен во проектните активности.

На конференцијата поздравен говор одржа и Заменик министерката за животна средина Христина Оџаклиеска која истакна дека резултатите од проектот мора да се употребат во пракса. Ова треба да биде континуирана активност за со тек на време да видиме видливи резултати. Исто така и подобрување на капацитетите во општините и меѓусебната соработка помеѓу локално и централно ниво сигурно ќе дадат резултати.

Со помош на овој проект поставена е станица за следење на квалитетот на амбиентниот воздух во Гевгелија и набавена е опрема за замена на инструментите за мониторинг станицата Битола 1. Исто така во рамките на проектот, изработен е инвентарот на загадувачки супстанци во воздухот за Југоисточниот регион со чија помош се идентификуваа потенцијалните загадувачи на воздухот во овој регион со што планирањето на мерките и креирањето на политиките за подобар квалитет на воздухот во овој регион се олеснува значително.

Еден од најважните резултати на проектот е развиениот здравствен индекс кој ќе биде интегриран на ИТ алатка (веб платформа) од каде ќе биде достапен до пошироката јавност и ќе користи не само во креирање на политики туку и во заштита на човековото здравје.

Целта на проект е да се подобри управувањето и заштитата на прекуграничната област во Р.С. Македонија и Р. Грција преку воспоставување мрежа за следење на квалитетот на воздухот.

Проектот е поддржан и ко-финансиран од Европската Унија и Национални фондови на земјите учеснички во ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција – Република Северна Македонија 2014-2020 а спроведуван од Центар за климатски промени, Министерство за животна средина и просторно планирање, Центарот за животна средина од Грција (КЕПЕ Кожани), Општина Лерин и Европската регионална мрежа за соработка (ЕРФЦ) од Грција.

Центарот за климатски промени изрази задоволство од соработката со сите партнери во склоп на овој комплексен проект, а особено за квалитетот на студиите и анализите изработени од страна на ангажираните експерти. И натаму ќе се залага за подигање на свеста кај пошироката јавност во врска со аерозагадувањето со оглед дека без квалитетен воздух не може да се очекува подобрување на квалитетот на живот. Креаторите на политиките мора да бидат фокусирани кон чисти технологии, зелена индустрија, е- мобилност и енергетска транзиција. Парадигмата на класичната економија grow first, clean up latter односно pollute first, clean up later е веќе минато. Сите инвестиции мора да бидат комплементарни со принципите на одржливиот развој. Во спротивно, огромна е цената на имплицитните трошоци кои ги плаќаме сите како општество преку санирање на штетите во животната средина, боледувањата, и се разбира предвремените смртни случаи последица на загадувањето.