Климатски промени

објавено во ОБЈАВИ | 0

Што се климатски промени?

Согласно меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC) климатските промени се состојба на климата која може да се идентификува (со употреба на статистички тестови) со промени во просекот и / или варијабилноста на нејзините својства и која опстојува подолг период, обично со децении или подолго. Иако климатските промени се природен процес и се случуваат уште од формирањето на нашата планета, сепак овие промени се интензивирани во последните 100 години како резултат на зголемените човекови активности односно преголемата употреба на фосилни горива.

Зголемената употреба на фосилни горива допринесува до зголемена емисија на стакленички гасови и нарушување на ефектот на стаклена градина а со тоа и појава на глобално затплување.

Ефект на стаклена градина, стакленички гасови и глобално затоплување

Ефектот на стаклена градина е природен феномен кој ја загрева Земјата до околу 33 о С. Овој ефект е овозможен благодарение на стакленичките гасови во атмосферата. Стакленички гасови се: Јаглерод диоксид, метан, азот субоксид, озон, хидрофлуорокарбонати, перфлуорокарбонати, сулфулр хексафлуорид. Овие гасови „заробуваат” дел од топлинското зрачење на сонцето во нискиот дел на атмосферата. Ова заробување се нарекува ефект на стаклена градина (Greenhouse effect). Тоа е природна појава без која просечната температурата на Земјината површина би била -15о С, а не 33о С како што е просечната температура денес. Благодарение на овој феномен се одвива животот на Планетата Земја денес.

Со почетокот на индустријализацијата, развојот и интензивирањето на производните процеси (производство на електрична енергија од јаглен, употреба на јаглен и нафта во индустриските процеси, употреба на јаглен и нафта во транспортниот сектор а до неодамна и за загревање на домовите на јаглен и нафта) се појави неконтролирано испуштање на отпадни гасови вклучително и стакленички гасови во атмосферата така што делот од сончевото топлинско зрачење, што во нормални услови се одбива и се враќа во вселената, останува заробено близу до Земјината површина. Оваа топлина која останува заробена предизвикува дополнително загревање на воздухот и покачување на просечната температура на Земјата и појава на глобално затоплување.

 

Глобалното затоплување ќе предизвика топење на мразот од северниот и јужниот пол. Тоа пак, придонесува за зголемување на нивото на водите во орињата, но придонесува и до исчезнување на морските струи во океаните. Морските струи се главно одговорни за одржување на константна клима на континентите, струите се како резултат на проток на вода со пониска кон вода со повисока температура, или пак резултат на мешање на водите што имаат различна концентрација на растворени соли. Испарувањето на водите од океаните е директно поврзано со одржувањето на константни климатски услови на континенталните делови на Земјата.

Човечките активности се проценува дека предизвикале приближно 1,0° C глобално затоплување над прединдустриските нивоа, со веројатно опсег од 0,8°C до 1,2°C. Глобалното затоплување веројатно ќе достигне 1,5°C помеѓу 2030 и 2052 година, доколку продолжи да се зголемува со сегашниот интензитет.

Слика 1. Сликата ја илустрира промената на глобалната температура на површината на Земјата во однос на просечните температури од 1951-1980 година, со тоа што 2020 година беше врзана за 2016 година како најтопла регистрирана

Стакленички гасови

Јаглерод диоксидот (CO2) e хемиско соединение составено од два кислородни атоми и еден атом на јаглерод. Тоа е гас без боја и мирис. Потежок е од воздухот и не гори.

Растенијата го користат јаглерод диоксидот од воздухот, трансформирајќи го во органски материи, а при тоа ослободувајќи кислород. Тоа се случува при процесот фотосинтезата при што се синтетизираат јаглехидрати. Животните и луѓето го користат кислородот во процесот на дишење, при што ослободуваат јаглерод диоксид. Овој процес се одвива постојано и е основа за животот на Земјата. Јаглеродниот диоксид се создава од различни извори, меѓу кои и вулкански ерупции и разградување на органската материја. Исто така, тој се произведува и од ферментацијата на некои микроорганизми и од клеточното дишење јаглеродниот диоксид го има во мали концентрации во атмосферата.

Примарни извори на фосилни горива се електрични искористувања (33%), транспорт (31%), индустриски процеси (24%) и загревање и ладење на објекти (12%). Емисиите на јаглерод диоксид се зголемени на глобално ниво за 25 % од времето на индустриската револуција, пред 200 години, од кои 1 % зголемување е во последните 30 години. Промени при користење на земјиште – како резултат на сечење на шуми има големо влијание на количината на CO2 емитирана во атмосферата. Дрвја и растенија апсорбираат CO2 во процес на фотосинтеза, а јаглерод се чува во ткива и влакна од дрвото.

Производство на цемент – при производство на цемент се користат големи количини на варовник, кој ослободува CO2 во атмосферата за време на производниот процес. Природниот гас е најчисто користено фосилно гориво. Согорување на масло испушта помеѓу 38 и 43% повеќе CO2 отколку природниот гас, додека согорување на јаглен 72-95% повеќе CO2 по единица ослободена енергија отколку природен гас.

Метанот (CH4) предизвикува 4–9 % од вкупниот ефект на стаклена градина. Најпростиот јаглеводород – метан е гас без боја, мирис и вкус чиешто ослободување оди многу брзо. Незапаллив е, но е експлозивен. Метанот е продукт на земјоделието, а се ослободува и од депониите за смет. Метанот се создава со разградување на мртвите органски материи во мочуриштата и со разложување на органскиот отпад во безкислородни услови. Како извори на емисии на метан се сметаат покрај другите и индустријата за рециклирање на отпад, агроиндустријата, како и истекувањата и емисиите кои се јавуваат во самата нафтена и гасна индустрија. Тој е многу моќен стакленички гас. Имено, еден тон на метан го има истиот ефект врз глобалните климатски промени, како 21 тон на СО2. Тоа значи дека способноста на метанот да ја заробува топлината е речиси 21 пат поефикасна од онаа на јаглеродниот диоксид.

Азот субоксид (N2O) создава 300 пати поголем ефект на стаклена градина од CO2. Азот субоксид главно се создава преку микробска промена на азотот содржан во почвата. Зголеменото создавање на N2O од човечко влијание може да се сведе на зголемениот влез на азот во почвите, пред сè, преку земјоделството, индустријата и сообраќајот. Концентрација на N2O сега е зголемена за околу 0,2% годишно.

Азот субоксид (N2O) е продуциран од бактерии во природен денитрификациски процес. Тој е хемиски инертен во тропосферата, но во стратосферата е деградиран фотохемиски. Просечната концентрација на N2O во тропосферата е околу 300 ppb[1] и има време на престој 10 години.

Сулфурен хексафлуорид (SF6) е гас со многу инертна реакција, кој се употребува, пред сè, во опрема со висок напон во тешката индустрија и како гас за полнење прозорци за звучна заштита и автомобилски гуми. SF6 е гас со највисок потенцијал за стаклена градина. Еден тон SF6 ја оптоварува атмосферата во големина што соодветствува на околу 23.900 тони CO2.

Потенцијал за глобално затоплување за секој стакленички гас за период од 100 години

Емисија на стакленички гасови во Македонија

Слика 2. Вкупни емисии на стакленички гасови по сектори за периодот 2003 – 2009 година

Во рамките на енергетскиот сектор во просек 67% од емисиите се со потекло од енергетските индустии (вклучувајќи ги постројките за електрична енергија и производство на топлина, рафинирање на нафта и производство на цврсти горива), 13% доаѓаат од транспортниот сектор (главно од патниот транспорт), 11% од производствените индустрии и градежништвото, 3% од комерцијалниот, стамбениот и резиденцијалниот подсектор, 2% од неконтролирани емисии на испарување и 4% од останатите подсектори. Повеќето емисии од индустриски процеси потекнуваат од минерална и метална индустрија кои учествуваат со повеќе од 77% од вкупните емисии од индустриски процеси. Хексафлуоркарбонатите се одговорни за 23% од емисиите на стакленички гасови од индустријата. Во земјоделскиот сектор 89% од емисиите на CH4 потекнуваат од одгледување добиток (ентеричната ферментација и третманот на животинскиот отпад), додека 88% од емисиите N2 O потекнуваат од употребата на земјоделските почви (употреба на синтетички ѓубрива, ѓубриво, азото-фиксирачките култури и истекување на земјиштата). Во секторот отпад, 88% од емисии на CH4 потекнуваат од отстранување на отпадот на депонии, другите од согорување и канализациите, додека емисиите N2 O произлегуваат од индустриските отпадни води. Во овој сектор има помали количества на CO2 од горење. Во секторот земјишни категории и шумарство, промените на дрвната биомаса од шумите и од обработливите земјишта имаат најголем ефект на јаглеродната апсорпција, проследено со конверзија од една земјишна категорија во друга, додека повеќето од емисиите се поврзани со шумските пожари, агропочвите и практиките за управување со нив, како и со нанесувањето вар. Од директните стакленички гасови, 75-80% се емисии на СО2 од согорување на горива во секторот енергетика, 12-14% се емисии на метан од земјоделство и управување со отпад, 7-9% се емисии на диазот оксид од согорување горива и емисии од почвите, додека 1-2% се хидрофлуоркарбонати од секторот индустрија. Од индиректните стакленички гасови (кои може да имаат непосреден ефект врз климата), емисиите на азотни оксиди се застапени со 7%, емисиите на јаглерод моноксид (СО) со 32% и доаѓаат од енергетскиот сектор, од транспортот и од согорувањето на биомасата, емисиите на неметански испарливи органски соединенија се 25% и доаѓаат од секторот индустрија, а емисиите на сулфур диоксид (36%) доаѓаат од енергетските постројки, градежништвото и транспортот. [2]

 

Кои се последиците од климатските промени?

Според меѓувладиниот панел за климатски промени многу природни системи, на сите континенти и повеќето океани, се под влијание на регионалните климатски промени, особено зголемувањето на температурата. Овие промени вклучуваат промени во снегот, мразот и замрзнатото земјиште (вклучително и мраз), ефекти врз хидролошките системи, промени во копнените биолошки системи, тренд кон порано „зазеленување“ на вегетацијата и подолга сезона на термичко растење, промени во морските и слатководните биолошки системи поврзани со зголемувањето на температурата на водата, како и поврзаните промени во мразот, соленоста, нивото на кислород и циркулацијата, закиселување на океанот со просечно намалување на pH од 0,1 единици.

Последиците од климатските промени во Македонија?

Согласно извештајот за проекции на климатските промени и за промени во екстремните климатски настани во Република Северна Македонија, кој е изработен во рамките на проектот „Четврт национален план за климатски промени и Трет двогодишен извештај за климатски промени во рамките на УНФЦЦЦ “, се очекува зголемувањето на температурата да продолжи и во иднина. Амплитудата на зголемувањето, на крајот на овој век, пред сè зависи од идните емисии на стакленички гасови, јасно укажувајќи дека идната климатска состојба во земјата ќе биде одредена од успехот на меѓународното спроведување на различни политики поврзани со намалувањето на емисиите на стакленички гасови. Кај ниското сценарио зголемувањето на годишната средна температура до крајот на векот ќе изнесува 1,5 °C, а кај средното и високото сценарио ќе изнесува 2,5 °C и 5 °C, соодветно. Во некои делови на земјата, кај високото сценарио зголемувањето на темпертурата надминува дури и 5°C.

Анализата на врнежите покажува посложени шаблони на промена споредено со температурата. Кај ниското сценарио нема јасен сигнал за промена на врнежите во иднина, освен зголемувањето на врнежите во годишното време септември-октомвриноември. За другите две сценарија се очекува намалување на годишните врнежи, главно како резултат на значителното намалување на летните врнежи. Кај средното сценарио, годишното намалување на врнежите е до -20%, со пад на летните врнежи од -30%, а кај високото сценарио намалувањето на годишните врнежи е до -30%, со -40% на летните врнежи, до крајот на векот.

Во однос на екстремните настани во иднина се очекува намалување на студените и зголемување на топлите екстремни настани. Слично на температурната анализа, разликите меѓу сценаријата се поистакнати на крајот на векот (период 2081- 2100), а во блиска иднина (период 2016-2035) речиси и нема разлика. За средината на векот (период 2036-2065) промените во средното и високото сценарио се многу послични меѓу себе отколку со ниското сценарио.

Во иднина се очекува да се зголемат екстремно топлите настани. Зголемувањето на летните денови во блиска иднина ќе биде помеѓу 20 и 30 дена. За крајот на векот промената на ниското сценарио ќе остане иста, но кај високото сценарио зголемувањето ќе биде помеѓу 50 и 60 дена во поголемиот дел од земјата. Зголемувањето на бројот тропски ноќи главно се предвидува во областите со мала надморска височина. Во блиска иднина промената изнесува помеѓу 5 и 20 дена. За крајот на векот, се очекува значително зголемување кај големите сценарија, а на подрачјата со мала надморска височина може да се очекува зголемување од повеќе од 60 дена. Конечно, може да се очекува зголемување на времетраењето и зачестеноста на топлотните бранови на целата територија.

 

Корисни линкови

https://www.ipcc.ch/sr15/chapter/spm/

https://www.ipcc.ch/site/assets/uploads/2017/09/WG1AR5_Chapter01_FINAL.pdf

https://unfccc.int/files/press/backgrounders/application/pdf/press_factsh_science.pdf

https://climate.nasa.gov/resources/global-warming-vs-climate-change/

 

 

[1]

Делови на милијарда (ppb) е бројот на единици на маса на загадувач на 1000 милиони единици на вкупна маса.

[2] Национален инвентар на стакленички гасови на Република Македонија

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *