Што претставува CBAM?
Механизмот за регулирање на прекуграничните емисии на јаглерод (Carbon Border Adjustment Mechanism – CBAM) наложува оданочување на вградените емисии со ефектот на стаклена градина (GHG) во производите кои се увезуваат на пазарот на Европската унија. Овој механизам е комплементарен со Системот за тргување со емисии на Европската унија (EU Emission Trading System – EU ETS), кој се користи за наплата на емисиите на стакленички гасови во постројките на територијата на Европската Унија. Воведувањето на CBAM ќе има значително влијание врз социо-економската слика на земјите кои не се членки на Европската унија, во зависност од нивниот вкупен извоз на производи опфатени со CBAM на пазарот на ЕУ и од степенот на декарбонизација на погодените индустрии. Плаќањето на оваа давачка ќе започне од 2026 година, но веќе од почетокот на октомври годинава започна да тече преодниот период – период во кој емисиите на јаглерод само се пресметуваат и се известува за истите, без обврска за плаќање. Предониот или транзицискиот период трае до 31.12 2025 година. Меѓу најпогодените трговски партнери на ЕУ, Турција, Украина, Кина и Русија се издвојуваат како најголеми извозници на производи кои се во опсегот на регулативата CBAM. За жал, земјите од Западен Балкан исто така се меѓу најранливите земји погодени од стапувањето во сила на механизмот CBAM. На пример, повеќе од 3% од вкупниот извоз на Црна Гора и Северна Македонија во земјите на ЕУ се производи кои се во опсегот на CBAM. Кога се увезуваат стоки опфатени со регулативата CBAM, важно е да се поседуваат соодветни податоци за емисиите на стакленички гасови за да може увозникот да ја процени потребата за CBAM сертификати. Повисок степен на декарбонизација подразбира намалување на емисиите на стакленички гасови, и затоа количината на сертификати CBAM потребни за увоз на одреден производ на пазарот на ЕУ е помала. На пример, ако две компании од различни земји (вон ЕУ) увезуваат челични цевки во Европската унија, а во нивното производство има разлики во интензитетот на емисиите на стакленички гасови – оваа разлика ќе биде одлучувачки фактор за даночното оптоварување на дадениот производ, а тоа значително ќе влијае врз неговата конкурентност на пазарите во ЕУ.
Кои индустрии се опфатени со CBAM и како ќе се применува?
Листата на индустрии односно производи кои првично се опфатени сo CBAM, ќе биде предмет на понатамошно прошитување односно дополнување. Засега, таа е ограничена на: електрична енергија, цемент, вештачки ѓубрива, железо и челик, алуминиум и водород. За сите овие производи, при нивниот извоз во земјите до ЕУ ќе мора да се пресметува и наплатува јаглероден данок. По преодниот период (на крајот на 2025 година), финансиските обврски кои произлегуваат од CBAM постепено ќе се зголемуваат.
Плаќањето на трошоците за CBAM ќе биде олеснето преку купување и предавање на сертификати за CBAM, кои ќе бидат ценети според неделните просеци на аукциите за надоместоци на европската шема за тргување со емисии – EU ETS. Во текот на календарската година, увозникот мора да осигура дека бројот на сертификати CBAM во неговата CBAM сметка, на крајот на секој квартал одговара на најмалку 80% од содржаните емисии во увезените производи од почетокот на календарската година. Увозникот мора да ги предаде сертификатите CBAM во точниот број што одговара на емисиите на стоките увезени во календарската година, покрај поднесувањето на годишна CBAM декларација. Ефективно, од 2026 до 2034 година, бесплатните надоместоци доделени на производителите на ЕУ ќе се намалуваат, а со тоа ќе се предизвика зголемување на трошоците за производство за бизнисите доколку процесите останат исти, односно не се декарбонизираат.
Кои услови треба да се исполнат за пролагодување кон CBAM?
Македонија е голем емитер на стакленички гасови, кои доминатно потекнуваат до енергетскиот сектор, но едни од најзначајните секотори извозници кај нас кои потпаѓаат под овој механизам се секако металургијата и цементната индустрија. Потребно е доста да се работи за да се воспостави рамка за имплементација нa CBAM од една страна, но и да се декарбонизира индустријата со цел да биде конкурентна во новите околности, од друга страна. Имено, од особена важност е креирање на систем за мониторинг, верификација, известување и наплата на емисите. Меѓу државите од Западен Балкан, само Црна Гора има систем за наплата на јаглерод. Со оглед дека остануваат само три години транзициски период, неопходно е во овој рок да се донесе потребната регулатива која ќе овозможи воспоставување на систем за наплата на емисии. Земјава веќе ја има усвоено Долгорочната стратегија за климатска акција со акциски план, а во финална фаза е усвојувањето на Законот за климатска акција. Исто така усвоен и Национален план за енергија и клима, кој подразбира интегриран пристап во развојот на енергетиката и заштитата на климата.
Како полесно да се стигне до целта?
Соработката помеѓу компаниите и институциите, но и граѓанскиот сектор е еден од клучните предизвици во насока на прилагодувањето кон CBAM. Главната задача ќе биде воспоставување на адекватен механизам кој ќе овозможи мерење и наплата на емисиите на стакленички гасови, а истовремено е важно средствата собрани на тој начин да се задржат во националниот буџет, адекватно да се распоредат во проекти за декарбонизација на производните капацитети и конечно да се овозможи постигнување на крајната цел – ускладување со европските цели за јаглеродна неутралност до 2050 година.