Коментар на Закон за енергетика во однос на терминот активен потрошувач и енергетска граѓанска заедница

објавено во АКТИВНОСТИ, ОБЈАВИ | 0

Во новиот Закон за енергетика, значајно е тоа што активните потрошувачи и енергетските граѓански заедници се прецизно дефинирани, односно се уредени условите под кои крајните потрошувачи или група крајни потрошувачи можат да ја користат или складираат електричната енергија произведена во нивните заеднички постројки. Тие претставуваат начин обичните граѓани и заедниците активно да учествуваат во производство, управување и потрошувачка на енергија, наместо да бидат само пасивни корисници. Овие концепти се поттикнати од законодавството на Европската унија (ЕУ), со цел да се овозможи демократизација на енергетскиот систем, поголема искористеност на локалните обновливи извори и поголема корист за заедницата.

 

Што се подразбира под терминот активен потрошувач:

Според Директивата (ЕУ) 2019/944, „активен потрошувач“ е краен потрошувач (или група потрошувачи) кој не само што користи електрична енергија, туку може и да произведува, складира или продава електрична енергија, или да учествува во шеми за флексибилност или енергетска ефикасност. Важно е дека овие активности не претставуваат негова примарна комерцијална дејност – односно, активниот потрошувач најчесто е домаќинство или мала компанија која главно не се бави со трговија на енергија, туку вишокот произведена енергија го споделува или продава. Во секојдневниот јазик, ваквиот потрошувач често се нарекува и „прозjумер“ (производител – потрошувач) затоа што истовремено произведува и троши електрична енергија.

Северна Македонија со новиот Закон за енергетика од 2025 година го транспонира овој концепт речиси директно. Со други зборови, законот им овозможува на граѓаните во колективните станбени згради да произведуваат електрична енергија, да ја користат за свои потреби, а вишокот да го складираат или продаваат на мрежата, без притоа да се наметнуваат несразмерни или дискриминаторни технички и административни барања, постапки и надоместоци за пристап и приклучување на мрежата, како и за учество на пазарот на електрична енергија. Во конкретниот случај активниот потрошувач има двојна улога – тој е и потрошувач и потенцијален производител на енергија, што ја разбива еднонасочноста на класичниот енергетски систем. ЕУ воведе јасни правила за овие актери – на пример, државите треба да обезбедат активните потрошувачи да можат да продаваат вишок енергија по фер и транспарентни услови, да не бидат обременети со прекумерни давачки, и да можат да се здружуваат преку агрегатори за полесен пристап до пазарот. Во македонскиот контекст, регулаторната комисија и новото законодавство предвидуваат услови активните потрошувачи да се приклучуваат на мрежата и да склучуваат договори со снабдувачите или агрегаторите кои ќе ја откупуваат нивната произведена енергија. Ова е значајно бидејќи домаќинствата не подлежат на двојни надоместоци за складираната електрична енергија што ја користат за свои потреби.

Што е енергетска граѓанска заедница?

Покрај индивидуалното учество, ЕУ го препознава и колективното учество на граѓаните во енергетиката преку формата на енергетски заедници. „Енергетска граѓанска заедница во законодавството на ЕУ се дефинира како правно лице засновано на доброволно и отворено учество, кое е ефективно контролирано од членови или акционери кои се граѓани, локални власти (општини) или мали претпријатија, чија примарна цел е да обезбедат економски или социјални придобивки за заедницата наместо да генерираат профит. Таквата заедница може да се занимава со разни активности во енергетскиот сектор – производство на енергија (особено од обновливи извори), снабдување, дистрибуција, агрегирање, складирање, па дури и услуги како полнење на електрични возила – но секогаш во интерес на своите членови и локалната средина. Новата дефиниција во законот за енергетика на Северна Македонија го следи истиот дух. Според Законот за енергетика, „граѓанска енергетска заедница“ е правно лице во кое доброволно се здружуваат крајни потрошувачи и активни потрошувачи од категоријата домаќинства или мали потрошувачи, нивни агрегатори, како и производители на електрична енергија и други корисници на дистрибутивниот систем. Заедницата може да врши една или повеќе енергетски дејности со цел размена на произведена и потрошена енергија на ограничено географско подрачје, како и обезбедување на заштита на животната средина и економски или социјални придобивки за своите членови или за локалната јавност. Членовите на граѓанската енергетска заедница (граѓани, мали фирми, општини) колективно инвестираат во енергетски проекти (на пр. соларни централи, ветерници, биогас постројки) и ја користат или споделуваат произведената енергија, при што вишокот може да се продава. Важно е дека во ваквите заедници контролата е во рацете на членовите – обично секој член има еден глас без оглед на вложениот капитал (слично како во задруги). Ова ги разликува граѓанските енергетски заедници од конвенционалните енергетски компании. Целта не им е да остварат максимална добивка, туку да им донесат корист на учесниците и локалната средина (поевтина енергија, почиста околина, локален развој).

 

Придобивки на вметнување на активни потрошувачи и граѓански енергетски заедници

Активните потрошувачи и граѓанските енергетски заедници носат многубројни придобивки, кои може да се групираат во три категории: економски, еколошки и социјални. Овие придобивки не се ограничени само на поединците кои учествуваат, туку и на пошироката заедница и општество.

Економските придобивки се однесуваат на:

Намалени трошоци за енергија: Домаќинствата кои стануваат активни потрошувачи (на пр. поставуваат фотонапонски панели) можат значително да ги намалат своите сметки за електрична енергија, бидејќи дел од потрошувачката ја покриваат со сопствено производство. Дополнително, вишокот енергија што не им е потребен можат да ја продадат назад во мрежата и да остварат приход.

Локални инвестиции и работни места: Финансиските средства инвестирани во локални енергетски проекти циркулираат внатре во заедницата. Многу често, проектите ангажираат локални фирми и работници за изградба, инсталација и одржување на системите (соларни панели, ветерници, постројки на биомаса). Ова отвора нови зелени работни места на локално ниво и го поттикнува економскиот развој на руралните и помалите средини.

Пристап до нови извори на финансирање: Формирањето на енергетска заедница им овозможува на граѓаните заеднички да аплицираат за грантови, субвенции и поволни кредити кои индивидуално би им биле потешко достапни. ЕУ преку разни програми (Horizon Europe, LIFE, итн.) и националните влади сè повеќе нудат финансиска поддршка токму за проекти на граѓанска енергија.

Еколошките придобивки се однесуваат на:

Зголемено производство на обновлива енергија: Активните потрошувачи и заедниците директно инсталираат нови капацитети на соларни панели, мали ветерни турбини, биогас и др. На тој начин, тие гп зголемуваат уделот на обновливите извори. На пример, ако илјадници домови постават панели, тоа е еквивалент на повеќе големи соларни електрани. Колективните проекти (на пр. задружна соларна централа од 1 MW) се значајни чисти извори кои ги заменуваат фосилните горива. Резултатот е намалување на емисиите на стакленички гасови и загадувачките материи на локално ниво.

Намалени загуби и оптоварувања на мрежата: Децентрализираното производство блиску до местото на потрошувачка значи дека има помали преносни загуби, бидејќи електричната енергија не патува на долги растојанија. Исто така, ако многу мали производители придонесуваат, врвното оптоварување на мрежата може да се намали – на пр., во летен ден илјадници покривни соларни панели во градот произведуваат струја токму кога климите трошат најмногу, помагајќи да се растовари електро-системот. Ова придонесува кон постабилна мрежа и помалку потреба од итни увози на струја при пикови во потрошувачката.

Поголема енергетска ефикасност и свесност: Граѓаните кои стануваат производители воочливо ја зголемуваат својата енергетска свесност. Истражувањата покажуваат дека прозјумерите почнуваат повеќе да внимаваат на сопствената потрошувачка, да инвестираат во изолација, подобри уреди и сл. Освен тоа, енергетските заедници често покренуваат и други еколошки иницијативи (садење дрвја, еко-едукација, и сл.) како дел од нивната мисија за одржливост.

Социјалните придобивки се однесуваат на:

Активирање на локалната заедница и демократизација: Енергетските заедници се пример за локална демократија на дело – граѓаните се здружуваат за заедничка цел и колективно носат одлуки (едно лице – еден глас). Ова го зајакнува социјалниот капитал, чувството на заедништво и колективна одговорност.

Намалување на енергетската сиромаштија: Кога општините и граѓаните креираат проекти што обезбедуваат поевтина енергија, индиректно се помага на ранливите категории. Некои енергетски задруги се основани со цел да им помогнат на сиромашните домаќинства – на пример, во Шпанија и Германија постојат проекти каде што заедницата инвестира во соларни панели на згради на семејства со ниски примања, па тие добиваат евтина или бесплатна струја.

Едукација и културна промена: Преку учество во вакви проекти, граѓаните практично учат за енергијата, технологиите и одржливоста. Ова создава повеќе информирани и свесни потрошувачи, кои знаат како функционира системот и кои се спремни да прифатат иновации (на пр. паметни броила, динамични тарифи). Тоа значи менување на свеста – од тоа граѓанинот да очекува некој друг (државата, големите компании) да се грижи за енергијата, кон тоа самиот граѓанин да биде дел од решението.

Предизвици и бариери при имплементација

И покрај бројните придобивки, постојат и значајни предизвици во имплементацијата на овие концепти. Преминот кон модел на активни потрошувачи и енергетски заедници бара промени во регулативата, инфраструктурата и навиките. Како потенцијални главни предизвици можеме да ги наведеме следните:

Регулаторни и административни пречки: Пред донесување на Законот за енергетика, во Република Северна Македонија недостасуваше соодветна правна рамка која ги регулираше енергетските заедници. Постоеа правни нејаснотии околу тоа како граѓанин може да продаде струја или како група домаќинства може заеднички да инвестираат во централа. Сега со новиот закон, се поставени основите, но останува предизвикот за секундарното законодавство, вклучително испроведувањето – треба да се донесат подзаконски акти, правилници од Регулаторната комисија за енергетика, да се воспостави регистар за граѓански енергетски заедници, итн. Секое доцнење во овој поглед може да создаде неизвесност. Исто така, процедурите за приклучок на мали централи, добивање лиценци (ако се потребни), пријавување даноци на приход од продадена струја – сите тие административни аспекти треба да бидат едноставни и јасни за граѓаните. Ако бирократијата е преголема, тоа ќе ги обесхрабри потенцијалните учесници.

Финансиски предизвици: Иако на долг рок се исплати, иницијалната инвестиција за станување активен потрошувач (на пр. купување и инсталирање соларни панели, батерија, паметно броило) може да биде голем товар за просечно домаќинство. Истото важи и за енергетските заедници – потребен е капитал за истата се изгради, на пример, 500 kW соларна централа или еден ветерен генератор. Не сите граѓани имаат пристап до евтини кредити или заштеди за таа намена. Затоа, потребни се механизми за поддршка: државни субвенции, гаранции за кредити, модели на „соларни покриви без претходна инвестиција“ и сл. Во спротивно, постои ризик концептот да остане достапен само за побогати граѓани, наместо инклузивно за сите. Добра пракса е кога се вклучуваат општините– тие може да обезбедат покриви на јавни згради за заеднички соларни проекти или да помогнат со почетен капитал.

Технички и инфраструктурни ограничувања: Нашата дистрибутивна мрежа традиционално не била дизајнирана за двонасочен тек на електрична енергија на нисконапонско ниво. Масовно вклучување на многу мали производители може да предизвика проблеми ако мрежата не е модернизирана – на пр. пренапони во локалните трансформатори во сончеви денови, оптоварување на каблите, и сл. Тука само ќе се повикаме на неодамнешното исклучување на МЕПСО, кога МЕПСО објави дека рано наутро во 5 часот на 18 мај – ден недела, еден дел од преносната мрежа кој оперира на 110 киловолтно ниво испадна од синхрона работа со што повеќе трафостаници кои преземаат енергија од преносната мрежа и ги напојуваат дистрибутивните мрежи беа во без напонска состојба а соодветните дистрибутивни мрежи не испорачуваа енергија до потрошувачите. Затоа, дистрибутивните оператори треба да инвестираат во зајакнување на мрежата, воведување системи за надзор и контрола кои ќе управуваат со распределените извори. Во спротивно, може да се случи новоповрзан активен потрошувач да добие одбивање за приклучување поради технички ограничувања. Новиот закон предвидува дека одбивање на приклучок од операторот мора да биде образложено и оправдано (не смее неоправдано да се одбие барање). Ова ги штити граѓаните, но паралелно, дистрибутерот мора да работи на решенија (на пр. паметни трафостаници, складишта за баланс во мрежата итн.).

Недоволна свесност и знаење: Иновативните концепти бараат време луѓето да ги разберат и прифатат. Многумина граѓани можеби немаат слушнато за можноста да бидат „произведувачи“. Потребна е широка информативна кампања и едукација.  Исто така, дури и струката (инсталатери, инженери, банки) треба да се запознае со новините – на пр., банките да научат да оценуваат бизнис модели на енергетски заедници за да можат да ги финансираат, електричарите да се обучат за инсталација на двонасочни броила, итн. Одреден отпор кон промени е природен, но со времето и појавата на успешни приказни  довербата ќе расте.

Финансиска одржливост на заедниците: Иако немаат за цел да прават профит, енергетските заедници мора финансиски одржливо да работат – да ги покриваат трошоците за одржување, администрација, да отплаќаат кредити. Управувањето со една задруга бара одредени вештини и ангажман. Ако членовите не се доволно активни или немаат добра бизнис-организација, проектот може да се соочи со потешкотии (доцнење, пречекорување буџет, и сл.). Накратко, предизвиците се значајни, но не и непремостливи.

Технолошкиот напредок е главен овозможувач за концептите на активен потрошувач и енергетска заедница. Без современа технологија, би било многу потешко (или невозможно) мали производители да се интегрираат во системот без проблем. Еве ги клучните технологии и нивната улога:

Паметни броила и паметни мрежи: Воведувањето на паметни електрични броила е предуслов активните потрошувачи да функционираат. Паметното броило овозможува двонасочна комуникација – постојано мери колку енергија повлекуваш од мрежата, а колку предаваш во неа, и тие податоци во реално време се праќаат до операторот и снабдувачот. Ова е неопходно за точно пресметување на сметките (на пр., нето-мерачи или динамични тарифи). Новиот Закон за енергетика предвидува воведување паметни броила за подетално и точно следење на потрошувачката. Паметните мрежи, пак, значат дека дистрибутивниот систем е опремен со сензори, автоматски прекинувачи и ИТ систем кој следи и управува сооптоварувањата во реално време. Така, ако некаде има вишок сончева енергија, мрежата може автоматски да ја пренасочи или складира, а ако има недостаток, да повика резерви.

Заклучок

Концептите на активен потрошувач и енергетска граѓанска заедница означуваат поместување на парадигмата во енергетиката – од централизирана кон децентрализирана, од пасивна кон активна улога на потрошувачите. Европската унија го препозна ова како нужност за остварување на целите за климатска неутралност и сигурност во снабдувањето, поставувајќи ги правните основи со директиви што ги ослободуваат „малите“ играчи на големата сцена на електроенергетскиот систем. Северна Македонија, како дел од Енергетската заедница и кандидат за ЕУ, го направи првиот храбар чекор со усвојување на новиот Закон за енергетика во 2025 година, кој овозможува граѓаните и општините да станат активни учесници – произведувачи, продавачи и членови на енергетски заедници. Ова носи перспектива за позелена и поправедна енергетска иднина: каде што сметките за струја ќе се намалат заради сопствено производство или колективни проекти, каде што профитот од обновливите останува во локалната економија, и каде што граѓаните се партнери во транзицијата, наместо само набљудувачи. Се разбира, работата тука не завршува со носење на закон. Неопходни се континуирани напори за имплементација, образование и инвестиции. Ќе треба време новите правила целосно да заживеат и првите граѓански заедници да покажат резултати. Но, како што е истакнато, овој закон преставува „визија за иднината – за модерна, зелена и праведна енергетика“и поставување на темелите за постепено напуштање на фосилните горива и активно вклучување на граѓаните. Ако се надминат предизвиците – преку добра координација, финансиска поддршка и ангажираност на сите чинители – активните потрошувачи и енергетските граѓански заедници можат да станат мотор на енергетската транзиција и гаранција дека таа транзиција ќе биде успешна и инклузивна за целото општество. Со тоа, енергијата од апстрактен поим и сметка што треба да се плати, ќе се претвори во конкретна можност за граѓаните да преземат акција, да инвестираат во својата иднина и директно да придонесат за почиста животна средина и посилни локални заедници.