Во продолжение е целосното излагање на претседателот на Центар за климатски промени, г-ѓа Бојана Станојевска Пецуровска на надзорната распава за аерозагадувањето во Собранието, која се одржа на 20 мај 2025 година.
Во изминатите 10тина години беа реализирани многу истражувања за причините за аерозагадувањето во Македонија. Сите тие истражувања укажуваат дека согорување на биомаса, согорување на отворено, секундарни аеросоли, минерална прашина и согорување на нафта/мазут.
Согласно оваа студија, која што е резултат на повеќе месечно собирање примероци со помош на филтри и нивна хемиска анализа, согорувањето на биомасата останува најголемиот извор на загадување на амбиенталниот воздух при што тој е најспецифичен за зимските месеци (ноември, декември, јануари, февруари и март) кога согорувањето на биомасата е главен извор на двете локации (Карпош и Лисиче), при што учеството се движи помеѓу 36 и 57% во Ново Лисиче и од 27 до 59% во Карпош. И сообраќајот има важна улога, при што годишното релативно учество во сообраќајот изнесува 18 % од вкупната маса на честички (PM 2,5) на локацијата Карпош и 23% во Ново Лисиче.
Индустриските извори, исто така, придонесуваат во текот на годината, и тоа со годишното релативно учество од 9 % во Карпош и 6% во Ново Лисиче.
Минералната прашина, исто така, има значајно учество во вкупната маса на честички (PM2,5) особено во летниот период, при што овој извор варира до значителни 46 % во Карпош и до 32 % во Ново Лисиче. Минералната прашина обично потекнува од градежни активности/уривање, ре-суспендирање на прашина од улиците и ветерната ерозија, кај истата се забележуваат високи сезонски варијации.
Сите видови на ниско-ефикасно отворено согорување на земјоделски и градинарски отпад, како и други видови отпад, класифицирани како палење на оган на отворено, покажуваат најголемо учество во текот на пролетните и раните летни месеци (април, мај и јуни) со релативно месечно учество од 1 до 30 % во Карпош и од 0,2 до 35 % во Ново Лисиче.
Согорувањето на нафтата и мазутот вклучува емисии од различни извори, но највеќе се системите за греење на поголеми згради (училишта, болници и други јавни институции), емисии од индустриско согорување и до одреден степен емисии од постари возила на дизел.
Како да го намалиме аерозагадувањето?
Најголем процент од домаќинствата во градовите користат биомаса за загревање на своите домови, и дури и во градовите каде што постои алтернатива, односно системи за централно греење, истите не се користат целосно, односно постои голем процент на корисници кои се исклучени од системот. Секако дека ова е еден од проблемите кои се карактеристични за Скопје, но сакам да потенцирам дека дури и таму каде што се достапни системите за греење не се користат целосно. Ова е само една од причините, во државата имаме околу 700 јавни објекти (болници, градинки, јавни згради) кои користат нафта и мазут за загревање, 100ина од нив се во Скопје, и покрај достапноста на инфраструктура и систем за централно греење.
Кога сме кај мерките, во изминатите неколку години Министерството за економија и општините, Градот Скопје доделуваа субвенции за промена на начинот на греење, односно заменување на неефикасните ложишта во домовите, но нема доволно јавни податоци за нивната искористеност. Согласно последната публикација на Завод за статистика 31% од домаќинствата како основно средство за загревање користат електрична енергија, 49% огревно дрво или биомаса (дрво од овошни насади или друг вид остатоци), топлинска енергија од котлара 10,25%, дрвени пелети и брикети 8,49%. Останатите домаќинства користат во незначителен процент, под 1% течен нафтен гас, јаглен и нафта за ложење. Многу значаен податок е тој дека 32% од домаќинствата во Македонија имаат изведена изолација, од тие, најголем процент во Скопскиот регион со 45%.
Само за споредба согласно истата публикација од 2014 година, процентот на оние корисници на огревно дрво е поголем, односно изнесува 61,59%, а оние кои користат електрична енергија е 28,60%. Статистиката покажува дека се намалуваат корисниците на огревно дрво, но сепак процентот е сеуште висок (49%).
Низ годините досега мерките за аерозагадување беа многупати апсолвирани, имаме и план за заштита на амбиентнит воздух, но истиот не се спроведува. Причините за истото се недоволно финансиски средства, скоро никакви инвестиции за алтернативни начини на греење како за домаќинства така и во јавните згради, но и не само за греење туку и нефункционален транспорт, голем број возила постари од 18-20 години чии мотори се класа ЕУР 3 – 4.
Она што исто така сакам да го истакнам дека иако постојат плански документи, сепак многу е мало спроведувањето на истите. Недостига координација помеѓу институциите, особено затоа што, за квалитетот на воздухот е непходно да се работи постојано, при што неможеме да очекуваме дека ќе го решиме одеднаш и со работа само на поединечните извори. Исто така неопходно е и воспоставување на Координативно тело кое ќе ја координира работата на сите институции и ќе го следи спроведувањето на мерките.
За да го решиме аерозагадувањето не можеме да поентираме кон еден извор, туку мораме на сите овие извори да работиме паралелно. За сите овие извори се одговорни различни чинители, индустрија, транспорт, домаќинства, но најважно е да се фокусираме на алтернативни извори за греење на домаќинства и јавни објекти.