Во 2024 година, според годишниот извештај на организацијата EMBER (European Electricity Review 2025), Европската унија постигна значителен напредок во производството на електрична енергија од обновливи извори, со рекордни 47% од вкупното производство потекнувајќи од сонце, ветер и хидроенергија. За прв пат, електричната енергија произведена од сонце ја надмина енергијата произведена од јаглен, со удел од 11% во однос на 10% за јагленот.

Во последните две години е забележан и остар пад во производството на енергија од гас и јаглен, при што производството на електрична енергија од гас опадна од 16,9% на 15,7%. Овие резултати ја нагласуваат транзицијата кон поодржливи и почисти извори на енергија во Европската Унија.
До крајот на ноември 2024 година, Република Македонија произведе значителен дел од потребната електрична енергија преку различни извори, со различни учества на секој од нив. Според податоците, добиени со анализа на достапните информации од Заводот за статистика (Извор: База на податоци МАКСТАТ, Електрична енергија во MWh, по месеци. PxWeb), најголемиот дел од произведената енергија потекнува од термоецентралите и комбинираните централи, кои учествуваат со 65% во вкупното производство. Ова укажува на продолжената зависност од фосилните извори, кои и натаму играат важна улога во задоволување на енергетските потреби на земјата.
Извор: Електрична енергија во MWh, по месеци. PxWeb
Според истите податоци, значително e учеството на обновливите извори на енергија. Хидроцентралите учествувале со 25% во вкупното производство на електрична енергија, додека фотонапонските централи придонеле со 5%. Овие податоци покажуваат дека земјата постепено ја поттикнува употребата на чисти и обновливи извори на енергија, со што се намалува зависноста од фосилни горива и се создава основа за одржлив енергетски сектор.
Меѓутоа, најмалку учество во вкупното производство имаат био-гасните и ветерните електрични централи, кои придонеле со само 1% и 3%, соодветно. Овие бројки покажуваат дека иако обновливите извори се во пораст, некои технологии сè уште имаат ограничен придонес во електричната енергија, што може да се поврзе со потребата за понатамошна инвестиција и развој на овие сектори.
Доколку се анализира производството на електрична енергија во последните десетина години, воочливо е постепеното намалување на производството на електрична енергија од јаглен (меѓу 40-50%), додека се бележи зголемување на производството од електрична енергија од природен гас. Непостоењето на инвестиции во нови големи хидроенергетски проекти упатува на променливо производство на електрична енергија кое во последната декада се држи на нивото од околу 25% од вкупното производство на електрична енергија во зависност од хидролошките услови. Обновливите извори, претставени преку фотонапонските централите и ветерните паркови, иако во благ пораст последните години, се уште имаат мал удел (околу 8%) во вкупното производство.
Извор: Центар за климатски промени, преглед на трендот на вкупното производство на електрична енергија (TWh) за период од 2012-2024 година
Сумирано, иако Македонија напредува во интеграцијата на обновливи извори во својот енергетски микс, се уште постојат предизвици кои бараат понатамошен развој и инвестиции во обновливите технологии.
За разлика од нас, Европа се наоѓа во динамичен период на трансформација на енергетскиот сектор, со фокус на премин од традиционалните фосилни горива кон обновливи извори на енергија. Овој процес е дел од амбициозните цели на Европската унија за намалување на емисиите на CO2 и постигнување на климатска неутралност до 2050 година. Европските земји сè повеќе инвестираат во технологија која може да произведува енергија од ветрови, сончева енергија, хидроенергија, но и во нови технологии како биоенергија и енергија од океаните. Овие промени се поврзани со големите предизвици на енергетската безбедност, особено поради нестабилноста на глобалните пазари и зависноста од увоз на енергенти. Во исто време, Европа се стреми да ја зголеми енергетската ефикасност и да создаде поотпорни и поодржливи енергетски системи кои ќе обезбедат сигурна и економична енергија за иднината.