Во периодот од 31 октомври до 12 ноември – ќе се одржи 26та конференција на страните на Обединетите Нации (СОР26) во Глазгов, Шкотска. Целта на конференцијата е да ги поттикне земјите да ја забрзаат акцијата кон целите на Парискиот договор и Рамковната конвенција на ОН за климатски промени.
COP26, ќе се фокусира на преземање акција за заштита и обновување на шумите и критичните екосистеми, и ќе се залага за транзиција кон одржливо, отпорно и природно општество. Организаторот на COP26 вели дека оваа година треба да биде одлучувачка, бидејќи и покрај можностите, не дејствуваме доволно брзо. За да се избегне климатската криза, земјите треба итно да ги здружат силите. Исто така и многу експерти сметаат дека COP26 треба да ја потенцира итноста на делување.
Само за потсетување во 2015 година, на 21та конференција на страните земјите учеснички го создадоа Договорот од Париз. Со овој Договор земјите се посветија на усвојување национални планови одредувајќи колку би намалиле нивните емисии – познати како Национално утврдени придонеси или „NDCs“ и се согласија дека на секои пет години ќе усвојуваат ажуриран план кој би ја одразил нивната највисока можна амбиција, се со цел ограничување на порастот на просечната температура на 1,5 степени. Македонија го ратификуваше Договорот од Париз во 2017 година, а на почетокот на 2021 година ги поднесе ревидираните национални придонеси со кои се обврза на намалување на емисиите на CO2 за 51% до 2040 година.
Овогодинешниот самит во Глазгов е моментот кога земјите треба да ги ажурираат нивните планови за намалување на емисиите, но за жал обврските поставени во Париз не се блиску до ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени, а времето за постигнување ова е многу кратко. Деценијата до 2030 година ќе биде клучна. Толку значаен како што беше Париз, ќе биде и COP26, затоа што земјите ќе мора да направат повеќе напори за одржување на покачувањето на температурата на 1,5 степени.
Останува да ги следиме настаните на Конференцијата во следните две недели и да видиме дали земјите ќе постигнат договор кој ќе биде во прилог на намалување на емисиите и спас на планетата Земја.