Во август 2018 година, Центар за климатски промени – Гевгелија и Министерството за животна средина и просторно планирање започнаа да го спроведуваат проектот „Развивање и имплементација на здравствен индекс во прекуграничниот регион“. Проектот е финансиран од Европската Унија преку ИПА програмата за прекугранична соработка Грција – Македонија и ќе се спроведува до август 2020 година. Во Република Северна Македонија проектот се спроведува на територија на Југоисточен регион и Пелагониски регион со фокус на градовите Гевгелија и Битола.
Главната цел на проектот е да се подобри управувањето и заштитата на прекуграничната област преку формирање на мрежа за мониторинг на амбиентен воздух. Специфичните цели се однесуваат на развивање и евалуација на инвентарите за емисии во сите партнерски области, проценка на ризиците врз здравјето поврзани со мерењата од квалитетот на воздухот, подготовка на интегрирана ИКТ алатка која ќе обезбедува увид во квалитет на воздухот и можните влијанија врз здравјето на луѓето, подготовка на евалуација на условите во прекуграничниот регион во врска со квалитетот на воздухот и прекуграничното загадување, вклучување на релевантните засегнати страни со цел нивно информирање и креирање на алатка за нивно делување, како и дистрибуција и комуникација на резултатите од проектот до сите засегнати страни и до општата јавност и ранливите групи.
Во рамките на проектот се планира и набавка и поставување на мониторинг станица за следење на квалитетот на амбиентниот воздух во Гевгелија и набавка на опрема за надградба на постоечката станица Битола 1.
Како дел од активностите поврзани со оценка на здравствените ризици од аерозагадувањето, на 18.06.2019 година во Мотел Вардар Гевгелија се одржа информативен состанок за засегнати страни на кој присуствуваа претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, Институт за јавно здравје, Центар за климатски промени, Општина Гевгелија, овластениот инспектор за животна средина, државниот инспектор за животна средина, претставници од Центарот за јавно здравје Велес – П.Е. Гевгелија,, претставник од Општа Болница Гевгелија, Директорот на ЈП Комуналец Гевгелија, Директорот на Општа Болница Валандово, претставници од индустрискиот сектор, фабрика АД 7ми ноември, претставници на Фондација ФЛОРИТ и Фондација Аполонија како и претставници на Факултетот за туризам и бизнис логистика во Гевгелија.
На состанокот г-ѓа Бојана Станојевска Пецуровска, Центар за климатски промени ги презентираше активностите на проектот особено оние кои ќе се реализираат на територија на Северна Македонија, во Гевгелија и Битола. Потоа преставниците од Институтот за јавно здравје го презентираа демографскиот, социјално-економскиот, еколошки и здравствен профил на населенето во регионот на општина Гевгелија вклучувајки ја и структурата на најчести заболувања и причини за смрт со посебен акцент на здравствено-еколошките ризици
Во текот на состанокот присутните имаа можност да разговараат за моменталната состојба со аерозагадувањето во Гевгелија, разните еколошки ризици, причините кои доведуваат до тоа и што може да се направи со цел да се намалат истите и да се подобри јавното здравје односно квалитетот на живот во општината. Состанокот заврши во 12 ч, со работен ручек и продолжена дискусија за здравствените и еколошки ризици како и условите за живот и благосостојба во Гевгелија.
Во текот на истиот ден се реализираше и фокус група со граѓани кои имаа прилика да разговараат за состојбата и еколошките ризици кои влијаат на здравјето на луѓето во Гевгелија.