Спроведен мониторинг на веб страните на локалните институции

објавено во АКТИВНОСТИ, ОБЈАВИ | 0

Во периодот јануари – март 2025 година, Центарот за климатски промени спроведе детално следење на веб-страниците и службените гласници на сите 81 општина во Македонија. Следењето беше фокусирано на објави поврзани со Зелената агенда за Западен Балкан, вклучително и документи, соопштенија и одлуки поврзани со климатски промени, енергија, циркуларна економија, загадување, биодиверзитет и управување со ресурси.

Неколку клучни наоди:
• Скопскиот регион се издвојува со најголем број објави (76 или 21%), додека Североисточниот има само 24 (7%)

• Најмногу објави се евидентирани во месец февруари (132 или 37% од сите).

• Во Скопскиот регион доминираат објави за циркуларна економија, а во Полошкиот, Југозападен и Североисточен – за контрола на загадување.

• Урбанизмот е клучна тема во многу општини – поврзана со сите 7 критериуми на Зелената агенда!

• Во општините од Источниот и Пелагонискиот регион во овој период нема ниту еден објавен јавен повик.

• Соопштенијата како тип на објавувана содржина се најчести, но документи, одлуки и решенија – кои носат конкретни мерки – се ретки.

• Во некои општини воопшто нема објави на тема Зелена Агенда и животна средина.

Ова укажува на ограничена транспарентност и слаба имплементација на клучни политики. Голем дел од општините сѐ уште немаат објавено стратешки документи за животната средина, а информациите се тешко достапни за јавноста. Различните фокус теми по региони укажуваат на различни локални предизвици, но и на нееднакви капацитети за доследна имплементација на Зелената агенда.
Потребно е јакнење на капацитетите на локалните власти и подобра дигитална комуникација со јавноста за стратешките документи кои се законска обврска на општините.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *