Центар за климатски промени нa 6 декември 2019г. на Машинскиот факултет – Скопје одржа презентација и прогласување на иновативните студентски решенија за искористување на отпадот како секундарна суровина во индустријата и за заштита на животната средина.
На настанот беа презентирани петте најдобри студентски решенија кои влегоа во потесен избор на оценување. Идеите кои беа презентирани од страна на студентите понудија решенија за реупотреба на градежниот отпад како тампон за изградба на патишта, инценераторска постројка за согорување на медицински отпад и обичен отпад со можност за затоплување на 10.000 домаќинства, реупотреба на отпад од пречистителни станици (милта) на земјоделски површини како ѓубриво, хидбриден систем од два обновливи извори на енергија за обезбедување на електрична независност и апликација за берза на разни типови на отпад како ресурс за други производители.
Со оглед на квалитетот на пристигнатите решенија комисијата се одлучи да додели две први места и три втори места. Двете прво наградени решенија беа реупотреба на градежниот отпад како тампон за изградба на патишта и апликација за берза на разни типови на отпад како ресурс за други производители. Прво наградените решенија беа наградени со 6.000,00 денари, додека второ наградените решенија беа наградени со 3.000,00 денари.
Конкурсот се организираше во рамките на проектот „Енергија од отпад за одржлива иднина“ импленетиран од страна на Центар за климатски промени, финансиран од Пакомак Доо Скопје, во соработка со Титан Цементарница Усје АД Скопје.