Центар за климатски промени како дел од проектот „Активност за јакнење на деловниот екосистем“ финансиран од УСАИД, а имплементиран во соработка со Консалтинг за стратешки развој распишува:
ЈАВЕН ПОВИК
за вклучување на заинтересирани компании во обука за обезбедување услуги за енергетска ефикасност, подобро управување со енергијата и искористување на обновливи извори на енергија
ОПШТИ ИНФОРМАЦИИ
Целта на проектот е да ја зголеми отпорноста на микро, малите и средните претпријатија (ММСП), преку намалување на трошоците за енергија со воведување мерки за заштеда на енергија и диверзификација на изворите на енергија во производните капацитети (за производствени цели, но и за греење, ладење, транспорт итн.).Овие активности треба да резултираат со подобрена конкурентност и надградени услуги кои ќе обезбедат подобри деловни резултати и перформанси, како и зголемена отпорност на новите околности на енергетските пазари, последица на енергетската криза. Покрај намалените трошоци, проектот ќе придонесе и за стабилно снабдување со енергија, поекономично производство и зајакнување на капацитетите на вработените во ММСП за натамошно преземање на идентификуваните мерки за заштеда на енергија.
ОПИС НА ПРЕДМЕТОТ НА ЈАВНИОТ ПОВИК
Проектните активности ќе се одвиваат во повеќе фази во кои ќе бидат опфатени различен број на компании учесници во проектот.
Овој јавен повик се однесува на избор на 20 ММСПа кои ќе добијат обука за воведување мерки за заштеда на енергија и диверзификација на изворите на енергија во производните капацитети, но и обука за подобро управување со енергијата во своите компании. Повикот се однесува на микро, мали и средни претпријатија кои се занимаваат со производство и кои имаат потреба од заштеда на енергија, подобро управување со енергија или искористување на обновливи извори на енергија за сопствена употреба.
ШТО ДОБИВААТ ПРЕТПРИЈАТИЈАТА?
- Бесплатно учество на дводневната обука за обука за воведување мерки за заштеда на енергија и диверзификација на изворите на енергија во производните капацитети, но и обука за подобро управување со енергијата во своите компании
- Бесплатна поддршка од страна на експерти во областа на енергетска ефикасност (ЕЕ) и обновливи извори на енергија (ОИЕ)
- Насоки и услуги за имплементација на мерки за ЕЕ и искористување на ОИЕ од страна на признати експерти во областа
- Можност за вклучување во менторска програма и подготовка на физибилити студија за имплементирање мерки за ЕЕ и ОИЕ што ќе вклучува и можности за финансирање
ЗА КОИ ПРЕТПРИЈАТИЈА Е НАМЕНЕТ ПОВИКОТ?
Повикот е наменет за микро, мали и средни претпријатија кои се занимаваат со производство и имаат голема потрошувачка на ресурси, но на повикот може да се пријават и компании кои нудат услуги, како на пример ИТ компании, хотелско-туристички капацитети, земјоделски стопанства и сл.
Изборот на претпријатијата ќе се врши врз основа на долунаведените критеруми.
КРИТЕРИУМИ ЗА ИЗБОР
- Дали компанијата се занимава со производна дејност?
- Колкав е вкупниот број на вработени и колкав процент од нив се жени?
- Видови на енергенти кои се користат во претпријатието?
- Енергетската интензивност на Вашата компанија (ktoe/1000€)? Да се наведе вредноста за 2022 година или за последната година за која има податок
- Дали компанијата има Б еколошка дозвола?
Предност ќе имаат компании кои се занимаваат со производство и кои се раководени/или се во сопственост на жени или пак компании каде поголем процент од вработените се жени.
ПРАВО НА УЧЕСТВО НА ЈАВНИОТ ПОВИК
На Јавниот повик право на учество имаат сите микро, мали и средни прептријатија (ММСП) во Република Северна Македонија кои немаат имплементирано систем за управување со енергија. Предност имаат компаниите кои се занимаваат со производствена дејност.
НАЧИН НА АПЛИЦИРАЊЕ И РОК ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ НА ПРИЈАВИТЕ
Пријавувањето на Јавниот повик се врши со доставување на пополнета пријава. Пријавата се презема од веб страницата на Центар за климатски промени www.ckp.org.mk и или преку следниот линк.
Пријавите кои ќе бидат доставени по истекот на рокот на Јавниот повик, пополнети на несоодветен образец и нецелосно пополнети пријави нема да бидат разгледувани.
Пријавите се доставуваат по е-маил на ckp.skopje@gmail.com, со назнака за Јавен повик за учество во проектот “Зголемување на отпорноста за ММСП преку намалување на трошоците за енергија со цел надминување на последиците од енергетската криза и подобрување на условите за водење на бизнисот“
Крајниот рок за доставување на пријавите е 02.10.2023 до 16:00 часот.
ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА РЕЗУЛТАТИТЕ ОД ЈАВНИОТ ПОВИК
Сите учесници на Јавниот повик ќе бидат поединечно известени за резултатите најдоцна до 7.09.2023преку електронски пат. Воедно резултатите од Јавниот повик ќе бидат објавени на веб страната на Центар за климатски промени (www.ckp.org.mk)
ДОПОЛНИТЕЛНИ ИНФОРМАЦИИ
Дополните информации во врска со Јавниот повик може да се добијат на тел. +389 2 5208 330 и ckp.skopje@gmail.com, секој работен ден од 09:00 до 17:00 часот.
По селекцијата на 20-те компании и спроведување на обуката, ќе бидат избрани 6 компании за понатамошните проектни активности. Оваа селекција ќе биде извршена врз основа на истите утврдени критериуми врз основа на кои биле избрани 20-те компании за учество на обуката, но ќе се изврши рангирање на најдобрите 6 кои истовремено ќе изразат подготвеност за соработка и ќе потпишат Меморандум за сорабока со Центар за климатски промени Скопје. При селекцијата ќе се внимава да учествуваат еднаков број на компании кои се раководени/поседувани од мажи и компании кои се раководени/поседувани од жени. Пред финалната селекција, проектниот тим ќе направи и посета на компаниите и ќе реализира интејвјуа со одговорните лица, со цел да ги мапира капацитетите и потенцијалот за имплементација на енергетски заштеди. Во секоја од избраните 6 компании, проектниот тим ќе спроведе енергетска контрола со цел да ги идентификува постоечките слабости и можности за заштеда на енергија, односно спроведување на мерки. Понатаму, ќе бидат подготвени физибилити студии со детална елаборација на идентификуваните мерки и придобивките од нивната имплементација. Со цел подготовка на компаниите за имплементирање на систем за управување со енергијата (EnMS – Energy Management System), ќе биде развиена и имплементирана дигитална алатка – Digital Energy Management Tool). Ова е одлична можност за компаниите да имаат увид во потрошувачката на енергија, да ги лоцираат позициите со послаби перформанси и соодветно да реагираат во насока на постојани подобрувања. Следната проектна активност е асистенција во обезбедување на финансиски средства за имплементација на барем една мерка за остварување на енергетски заштеди елаборирана во Физибилити студиите. Посебен фокус во овие студии ќе биде ставен на мерки во обновливи извори на енергија и подобрување на енергетската ефикасност. Паралелно со тој процес ќе се реализира и менторство од страна на проектниот тим на самата локација – во компаниите), при што лицата кои претходно ја посетувале обуката мора да бидат дел од тимот кој ќе биде менториран). Ќе биде изработен финансиски каталог достапен на веб страната на Центарот за климатски промени, кој ќе им овозможи на сите заинтересирани компании информации за поитенцијални финансиски инструменти и финансиски институции. На крајот ќе се организира и заеднички настан на кој ќе бидат презентирани главните поенти од физибилити студиите, и на кој освен шесте компании ќе учествуваат и претставници од финансиски институции. Целта е да се обезбедат контакти и услови за идна соработка за финансирање на најатрактивните идентификувани мерки за заштеда на енергија во секоја од компаниите.