Перспективите на ОИЕ во Северна Македонија – како да се зголеми користењето на ОИЕ во финалната потрошувачка на енергија?

објавено во АКТИВНОСТИ | 0

ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ДИРЕКТИВАТА ЗА ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ НА ЕНЕРГИЈА RENEWABLE (Renewable Energy Directive – REDII) посочува збир од цели и активности насочени кон забрзување на енергетската транзиција декарбонизација на економијата. Актуелниот предлог на REDII, предвидува зголемување на целта на ЕУ за најмалку 32% удел на ОИЕ во вкупниот енергетски микс, на најмалку 40% до 2030 година, што претставува удвојување на актуелниот удел од 19.7% за само една деценија. Целта на Европската Комисија е зголемување на уделот на ОИЕ во ЕУ, за значаен придонес во амбицијата за намалување на емисиите на стакленички гасови за најмалку 55% до 2030 – и подтигнување на климатска неутралност до 2050.

Ова ревидирање на Директивата е особено фокусирано на секторите каде што напредокот во продирањето на ОИЕ е бавен и незадоволителен (сообраќај, згради и индустрија). Според тоа, овие измени и дополнувања, меѓу останатото опфаќаат одредени облици на дополнителни цели, упростување на административните процедури и менаџирање на „тесните грла“ кои се појавуваат под постоечката регулатива, како на пример забрзување на процесот на издавање дозволи. Генерално, предлогот за REDII се очекува да им овозможи на енергетските системи во ЕУ да станат пофлексибилни, и побрзо и поефикасно да ги интегрираат ОИЕ во мрежата. Понатаму, треба да овозможи подобро искористување на потенцијалот на системите за далечинско греење, топлинските пумпи, батериите за складирање на енергија и електричните возила. Во однос на последниот сегмент, предлогот исто така го подржува воведувањето на т.н обновлив односно „зелен“ водород, онаму каде електрификацијата е потешко спроведлива. Го потенцира и зајакнувањето на критериумите за одржливост на шумската биомаса, а со цел да обезбеди производите како биомасата и натаму да продолжат да имаат важна улога, но на начин кој ќе биде во согласност со ЕУ целите за биодиверзитетот.

 

Северна Македонија – актуелна состојба, потешкотии и препораки

 

Слика 1. Удел на ОИЕ (%) во финалната потрошувачка на енергија во Северна Македонија

 

Постојат пречки и недоречености во следењето на имплементацијата на стратешките документи од областа ан ОИЕ. Имено, иако Законот за енергетика предвидува подготовка и усвојување на Стратегија и Акциски план за ОИЕ з апериод од 10 години, временската рамка за усвојување на акциски план не се почитува, вклучувајќи ја и контролата врз индикативната траекторија за постигнување на дефинираните цели. Попрецизно, Министерството за економија има обврска да ја следи реализацијата на Акцискиот план и да подготви извештај на две години, најдоцна до 30-ти ноември (за претходните две години). Според тоа, доколку уделот на ОИЕ во последните две години е понизок од оној дефиниран со индикативната траекторија, тогаш Владата е должна да усвои ревидиран Акциски план и истиот да го поднесе до Секретаријатот на Енергетската заедница. Исполнувањето на претходно опишаните обврски е дискутабилно. Имено, последниот Акциски план е усвоен во 2015 гоидна, и се однесува на периодот до 2025 година. Во согласност со одредбите од Законот за енергетика, во 2017 е усвоен ревидиран Акциски план, кој вклучува цел од 23,9% удел на ОИЕ во 2020 година во финалната енергетска потрошувачка, додека планираната вредност за 2025 година е 25%. Иако постигнатите вредности за уделот на ОИЕ за годините после 2017 се пониски од претходно зададените цели, сепак не е подготвен ревидиран Акциски план.

 

Препораки

Имајќи го во предвид докажаното негативно влијание на малите хидроцентрали (МХЕ) врз животната средина, шемата на субвенционирање на овие постројки е неопходно да биде ревидирана, па дури и запрена. Потребни се понатамошни напори за превенирање на политички влијанија кои би придонеле овие субвенции да бидат поголемо оптоварување за системот отколку што му носат бенефит во вид на произведена електрична енергија.

Поттикнување на развојот на децентрализирани енергетски системи – создавање на мали производни енергетски постројки кои ќе испорачуваат енергија за локалните потрошувачи. Овие постројки може да се градат како самостојни единици или да бидат поврзани и да комуницираат помеѓу себе преку мрежата, а со цел да споделуваат ресурси (на пример, вишоци на енергија и сл.).

Создавање на енергетски заедници со цел да се охрабрат локалните жители, малите компании и други, да инвестираат во постројки за ОИЕ со мали капацитети. Овој концепт може да креира конкретни и одржливи решенија кои ќе го промовираат развојот на локалните заедници. Преку енергетските заедници, општините ќе овозможат домаќинствата и станбените згради да се здружат во заеднички инвестиции (расположиви на локацијата – фотоволтаици на покрив, мали ветерни електрани, биомаса и сл.) и да станат прозиводители на енергија.

Македонија треба да подготви и објави долгорочен план за инвестирање во ОИЕ кој ќе опфаќа и план за алокација на поддршка. Ваквиот пристап ќе го олесни планирањето на инвестициите и ќе охрабри поголемо учество на аукциите, што ќе резултира во поголема конкуренција и пониски цени.

Имплементацијата на Законот за енергетска ефикасност е слаба. Особено е важна едиукацијата во областа на енергетската ефикасност, и затоа е неопходна координирана акција од страна на академската заедница, бизнис секторот, медиумите, локалните самоуправи и сл. Недостасува системски пристап во следењето и известувањето на имплементираните мерки за енергетска ефикасност, како и контрола врз дистрибуирањето и трошењето на средствата доделени како субвенции. Понатаму, потребна е поголема транспарентност и подлабоки анализи на трошоците и придобивките кога станува збор за јавно финансирани проекти.

Енергетската сиромаштија во Македонија е сериозен проблем. Тоа сериозно влијае на подготвеноста на граѓаните да инвестираат во енергетски ефикасни мерки. Во отсуство на релевантни податоци, Енергетската заедница направила проценка на стапката на енергетска сиромаштија во Македонија, при што се претпоставува дека таа е 33%, што е една од највисоките во регионот на Западен Балкан. Понатаму, дефиницијата и опсегот на енергетската сиромаштија треба да се ревидираат. Во моментов се зема предвид само економската и здравствената состојба на граѓаните. Ревизијата треба да ги земе предвид родовата припадност, енергетската ефикасност на домовите и други прашања кои влијаат на енергетската сиромаштија. Моментално македонската влада дава само одреден финансиски надоместок за ранливите групи, без да преземе мерки за подобрување на енергетските карактеристики на нивните домови, за да можат да имаат пониски сметки за енергија.

Новиот тарифен систем за електрична енергија треба да го дестимулира користењето на струјата за греење. Иако во регионот на Западен Балкан, Косово и Албанија воведоа таков модел на блок тарифи (повисока тарифа за струја за домаќинствата кои трошат повеќе од 600 kWh месечно), Македонија само најави таква акција во текот на зимата 2021/2022 година, но таа никогаш не беше спроведена.  Деновиве, темата повторно се актуелеира, откако Регулаторната Комисија за енергетика најави конктерни чекори во подготовката ан нов тарифен систем.

Поврзување на климатските и енергетските цели и циркуларната економија: треба да се заснова на долгорочна визија и заеднички индикатори за поттикнување на повеќе деловни модели на кружна економија. Со стимулации и инвестиции во циркуларна економија, преку промовирање на важноста и придобивките од ефикасноста на ресурсите (пониски трошоци, помал отпад и загадување), учеството на обновливите извори на енергија ќе се зголеми, со што ќе се овозможат услови за постигнување на климатските цели во однос на намалување на стакленички гасови.

Медиумските институции треба прецизно да известуваат за животната средина, политиките и реформите: Темите од енергијата и животната средина треба да бидат поприсутни во медиумите и соодветно третирани. Недостигаат повеќе комплексни и аналитички новинарски написи, кои ќе ја подигнат свеста на јавноста и ќе предизвикаат притисок од јавноста за некои ранливи прашања

Министерството за образование, стопанските комори и академската заедница треба да се вклучат во подготовката на релевантни наставни програми за едукација на профили во однос на одржување и инсталирање на фотоволтаици, одржување на турбини на ветер, водородни капацитети итн., во средното образование. Така, потребно е „зазеленување“ на постојното техничко стручно образование и обука (ТСОО) и развој на нови вештини што е многу важен предуслов за претстојните инвестиции во обновливите извори на енергија. Има недостиг на профили поврзани со работењето и одржувањето на постројките за производство на обновлива енергија (на пр. работници за одржување на ветерни турбини, инсталација и одржување на PV системи итн.)

Потребна е посветена и несомнена одлука и политичка волја за утврдување на точната временска рамка за напуштање на јагленот во Северна Македонија, како и посветеност на владата да стави крај на трошењето на јавни средства за јаглен. Тоа би било предизвик, бидејќи во обидот да обезбедат социјален мир, политичарите често претпочитаат статус-кво. Граѓанските организации би можеле да ја поттикнат зелената транзиција преку јавни кампањи за негативното влијание на загадувањето предизвикано од јагленот врз здравјето. Пазарната интеграција на регионално ниво во комбинација со постепеното одредување на вредноста на јаглеродната такса, се оценува како најповолно сценарио за сите земји од Западен Балкан, од страна на Енергетската заедница. Ваквата политика ќе го поддржи постепеното напуштање на јагленот во разумна временска рамка, без несразмерно да влијае на помалку флексибилните страни во таквата транзиција.