Мониторинг на општините: Дали општините работат на Зелена Агенда?

објавено во АКТИВНОСТИ | 0
Во текот на шестмесечниот период, беше спроведен неделен мониторинг на веб-страниците и службените гласници на општините, со цел следење на објави поврзани со Зелената агенда за Западен Балкан. Вкупно беа евидентирани 343 објави, класифицирани според месец, регион, категорија и тип на содржина.
Најмногу објави се регистрирани во Скопскиот регион, а најактивен месец беше април. Објавите најчесто се однесуваат на обновливи извори на енергија, климатски промени и контрола на загадувањето. Соопштенијата доминираат како тип на содржина, додека документи и одлуки се поретко застапени.
Заклучоци
Мониторингот потврди дека имплементацијата на Зелената агенда на локално ниво се одвива нерамномерно меѓу регионите. Скопскиот регион е најактивен, додека Источниот и Североисточниот регион покажуваат најниско ниво на активност. Преовладувањето на соопштенија над суштински документи и одлуки укажува на потреба од засилување на имплементацијата на политики.
Темите поврзани со енергија и климатски промени се релативно застапени, додека одржливо земјоделство и управување со водни ресурси се помалку присутни. Ова укажува на потреба од подлабоко и порамномерно вклучување на сите столбови на Зелената агенда.
Како општа препорака, се наметнува потребата од системско јакнење на капацитетите на локалните самоуправи, зголемување на транспарентноста и подобра координација со централните институции, со цел обезбедување одржливо, инклузивно и ефикасно спроведување на Зелената агенда низ целата држава.