ЦКП започна со мапирање на јавните објекти во 4 општини: Битола, Новаци, Могила и Тетово, со цел идентификување и анализа на потенцијалот за поставување фотоволтаични централи во овие општини.
Целта е да се подготват кратки извештаи за секој јавен објект кои ќе имаат за цел да им помогнат на општините во планирање на инвестиции во фотоволтаични централи, со што ќе се намали зависноста од фосилни горива и ќе се овозможи поголема диверзификација во снабдувањето со електрична енергија. Со ова се овозможува полесно спроведување на Стратегијата за енергетика каде се очекува до 2030 година Северна Македонија да достигне минимум 38% удел на обновливи извори на енергија (ОИЕ) во вкупната потрошувачка на финална енергија. Дополнително, поставувањето фотоволтаични панели на јавни објекти носи директни и долгорочни придобивки и тоа:
- намалување на трошоците за електрична енергија, особено во периодите со висока тарифа
- производство на сопствена зелена енергија од сонце – достапен и неисцрпен ресурс во земјата
- намалување на емисиите на CO₂ и другите загадувачи
- зголемена енергетска независност и отпорност на јавните институции
- намалување на енергетската сиромаштија
- оптимизирање на јавните буџети, што значи повеќе средства за други локални приоритети.
Со користење на сончева енергија, јавните објекти ќе можат самостојно да произведуваат дел од својата електрична енергија, со што ќе се намали зависноста од фосилни горива, особено во периоди кога цените на струјата се највисоки.
Овие активности се финансирани од страна на Фондација отворено општество за Западен Балкан а имплементирани од Центар за климатски промени.