Енергетска ефикасност: Невидлива алатка за намалување на аерозагадувањето, борба со климатските промени и подобрување на животниот стандард на населението!

објавено во АКТИВНОСТИ, ОБЈАВИ | 0

Енергетската ефикасност е клучна за намалување на глобалните емисии на јаглерод диоксид и борбата со климатските промени. Потрошувачката на енергија е еден од главните фактори кои влијаат врз загадувањето на животната средина, и глобалното затоплување. Поради ова, намалувањето на енергијата која се троши непотребно има директно влијание на намалувањето на негативните ефекти врз животната средина.

Во 2020 година во Македонија е донесен Законот за енергетска ефикасност, а една година подоцна и 4. Национален акциски план за енергетска ефикасност. Во Стратегијата за енергетски развој на РСМ, како и во Национа лниот план за енергетска ефикасност, е посветено големо внимание на важноста да се реновираат постојните згради со посебен акцент на поставување на  топлинска изолација на надворешната обвивка на објектите како и енергетски ефикасни прозори , но за жал спроведувањето на овие стратешки документи, вклучително и одредбите од Законот за енергетска ефикасност сеуште изостануваат. Факт е дека поголемиот број  згради од станбениот, комерцијалниот и јавниот сектор во Македонија се изградени пред повеќе од 30 години, што значи дека или немаат топлинска изолација на надворешните ѕидови или таа што ја имаат е недоволна за сегашните услови. Најголемиот број на објекти за домување, згради и куќи треба значително да се реновираат, а за тоа се потребни финансиски средства кои поголемиот дел од населението ги нема. Затоа, државата треба да го насочи својот фокус кон овозможување на поголема поддршка за домаќинствата преку овозможување субвенции.
Во последните неколку години, поради проблемот со квалитетот на амбиенталниот воздух во многу градови низ државата, Министерството за економија и некои општини почнаа да доделуваат субвенции за поставување на високоефикасни инвертер клима уреди. Оваа постапка има за цел да се намали загадувањето на воздухот од согорувањето на тврдите фосилни горива за потребите за загревање на домаќинствата, односно да ги исфрли од употреба печките на огревно дрво. Меѓутоа, се’ уште важи правилото “прв дојден-прв услужен”, а во дел од општините тоа се прави со избирање на корисници по случаен избор.  Се’ ова го отежнува пристапот на граѓаните кон овие средства. Иако постои напредок во имплементацијата на мерките за енергетска ефикасност и користењето на обновливи извори на енергија, се’ уште постојат можности за понатамошно подобрување. Потребни се повеќе напори за стимулирање на инвестирање во топлинска изолација за објектите, енергетски ефикасни уреди и обновливи извори на енергија, како и за подигнување на свеста на сите граѓани во сите региони на земјата.

Според публикацијата на Државниот завод за статистика „Потрошувачка на енергенти во домаќинствата, 2019 година“, во 2019 година, просечната површина на живеалиштата на домаќинствата во Македонија изнесувала 84,30 м², при што половина од оваа површина, односно 45,40 м², е површина која се загрева. Овој податок укажува на тоа дека грејната површина е двојно помала во однос на станбената површина во домовите. Од аспект на енергетската ефикасност, околу 32,3% од домаќинствата во земјата веќе ја подобриле топлинската изолација на своите живеалишта. Топлинската изолација на објектот е најприменета кај домаќинствата во Југозападниот и Скопскиот Регион, додека во Југоисточниот Регион само 14,2% од домаќинствата имаат поставено топлинска изолација. Овие податоци исто така ја истакнуваат важноста на регионалните разлики и потребата за дополнителни иницијативи за подигнување на свеста за значењето на енергетската ефикасност, особено во помалку развиените региони. Домаќинствата во Македонија користат различни енергенти за различни потреби, како што се загревање и ладење на просторот, како и готвење. Во 2019 година, значителен удел во загревањето на проторот во домаќинствата, има огревното дрво, кое сѐ уште е најчесто користениот енергент, со учество од 49,2%, додека електричната енергија се користи во 31,3% од домаќинствата.  Останатото се должи на централно греење со 10,25% и течен нафтен гас 0,10%, нафта 0,51%, јаглен 0,17%. Дополнително, во Македонија, 79.242 домаќинства имаат инсталирано сончеви термални колектори.
Зголемените инвестиции во енергетската ефикасност претставуваат клучен чекор кон намалување на енергетската сиромаштија. Со подобрување на енергетската ефикасност, се создаваат можности за намалување на трошоците за енергија, што директно влијае на животниот стандард на домаќинствата и заедниците, особено на оние кои се најпогодени од високите трошоци за енергија. Инвестирањето во модерни технологии, изолација на објекти и обновливи извори на енергија може да ги направи домови поефикасни и поевтини за одржување, што ќе доведе до значителни заштеди за корисниците. Овие инвестиции не само што ќе ја подобрат економската стабилност на семејствата, туку ќе придонесат и за одржлив развој и намалување на еколошкиот отпечаток, создавајќи порамномерно и праведно општество

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *