Енергетската транзиција – помеѓу амбиците и заканите по енергетската сигурност

објавено во АКТИВНОСТИ | 0

И покрај амбициите за енергетска транзиција и декарбонизација,  актуелната енергетска криза не враќа чекори наназад во потпирањето на фосилните горива, кои како што изгледа и во наредните 10 години ќе бидат нашиот примрен ресурс за производство на ел. енергија. Зеленото сценарио е стратегиска определба која треба да ја постигнеме, а патот кон тоа ќе биде тежок и секако со бројни препреки. Енергетската криза треба да биде поттик за донесувачите на одлуки да почнат сериозно да се планираат инвестиции во секторот енергетика, вклучително и инвестиции во снабдувањето со топлина, со оглед дека голем од домаќинствата користат и огревно дрво и ел. енергија за затоплување.

Од друга страна пак, зеленото сценарио кај нас се покажа дека е преамбициозно и дека се занемари еден важен столб на одржливоста на енергетскиот систем – енергетската сигурност. Имајќи предвид дека нашето производство традиционално е базирано на лигнит, ние во изминатиов период не сторивме ништо на полето на изградба на нови капацитети не само од областа на обновливите извори, туку воопшто не го искористивме природниот гас како преодно гориво кон декарбонизацијата на долг рок. За жал, долгогодишното занемарување и лошо менаџирање со енергетиката неминовно не доведе до оваа состојба. Сега „куќата гори“ па се носат некакви полу решенија од денес за утре, но кризата се повеќе се продлабочува. Да, станува збор за енергетска криза во цела Европа, но не се сите толку ранливи. Дури и во регионот, една Словенија бележи рекордни добивки во своите државни електрани, Босна и Херцеговина исто така добро се справува… Но, ете Словенија иако членка на ЕУ ќе го напушти јагленот во 2033 година, а веќе подготви и објави Стратегија за напуштање на јагленот и преструктурирање на регионите на јаглен. Во енергетиката мора навремено да се подготвуваат квалитетни стратегии со реални рокови и буџети и истите да се реализирааат а не да се носат политички одлуки. Невиден популизам е настојувањето по секоја цена да се одржат минимални покачувања на цените на електричната енергија за домаќинствата. Штетата од таквите одлуки повторно преку буџетот сите ја носиме како товар.

Зеленото сценарио е стратешка определба која треба да го постигнеме во наредните 20 години, а енергетската криза е само мала епизода која ќе ја надминеме и ќе заврши. Но, клучното прашање е што ќе правиме кога повторно ќе се вратиме во нормалната состојба и дали ова ќе биде „зелен сигнал“ за посериозни вложување во енергетскиот систем на долг рок? Исто така важно е да се потенцира дека неопходно е да се инвестира не само во обновливи извори туку и во когенеративни постројки со природен гас кои ќе придонесат и за генерирање на електрична енергија но и за решавање на снабдувањето со топлинска енергија во поголемите градови како Тетово, Штип и сл. Секако дека за тоа е потребно долгорочно планирање и не може да се случи за краток временски период, но мораме да почнеме да ги планираме затоа што така ќе се намали и загадувањето предизвикано од индивидуалните ложишта. Државните енергетски компании мора да се менаџираат професионално, а не од партиски кадри. Одамна се заговара дека директорите ќе се бираат на јавен конкурс според мерит систем, но до денес ништо од тоа. Да не зборуваме и за бројните партиски вработувања. Јасно е дека една таква ситиуација е неодржлива. Во последно време речиси ниту една од најавените инвестиции во обновливи извори не е инвестиција на државните електрани туку на приватни инвеститори – преку формата на јавно – приватно партнерство однсоно стратешки инвеститор. Малку е познато во јавноста на што се темелат таквите одлуки за избор на инвеститорите, кои компании биле во потесниот избор и дали се темелно анализирани проблемите поврзани со капацитетите на преносната мрежа, балансирањето и сл.

Долги години имаме проблем со реализацијата на планираното во стратешките документи за енерегетско планирање. Ако ги погледнеме досега донесените Стратегии за развој на енергетиката, за обновливи извори и сл, одвај нешто е реализирано од истите. И не само во обновливи извори, туку и во ревитализација и одржување во кондиција на постоечките капацитети за базна енергија. Сведоци сме еве повеќе месеци ладната резерва ТЕЦ Неготино не може да проработи со полн капацитет (работи со 50%), а третиот блок на РЕК Битола е надвор од погон поради дефект на трансформатор веќе четврти месец од 5-ти ноември 2021 година). Уште на почетокот на минатата година се најави затворање на Осломеј до крајот на 2021, за да сега грчевито се одржува „во живот“ со увозен јаглен. Сето тоа е резултат на отсуство на планско работење, не само долгорочно, туку и краткорочно.

Секако дека доколку вложувавме во обновливи извори ударот во снабдувањето со енергија ќе беше помал. Државата освен инвестиции во ветерна енергија со скромен инсталиран капацитет досега нема направено други инвестиции, што значи дека ние немаме соларни електрани во државна сопственост (единствената државна фотоволтаична електрана во Осломеј од 10MW, е веќе во завршна фаза но се гради повеќе од 3 години, што е предолг рок за вака скромна инсталирана моќност). Затоа, според нас, неопходно е државата да започне со инвестици во обновливи извори на енергија, односно ветерни паркови,фотоволтаични централи, системи за складирање на енергија и сл., со цел во прифатлив рок да ја реализира на сигурен и безбеден начин енергетската транзиција. Истовремено мора да се зајакнат капацитетите и професионализмот кај надлежните институции и државните компании во секторот, да се зголеми траснпарентноста и отчетноста, а стратешките документи да се носат низ процес на инклузивност на сите засегнати страни.