До каде се општините во Македонија со спроведувањето на Зелената Агенда?

објавено во АКТИВНОСТИ | 0

Еден од главните инструменти за постигнување климатска неутралност во Европа е  Европскиот Зелен договор. Следејќи ги напорите на ЕУ за намалување на емисиите на стакленички гасови, веднаш по усвојувањето на Европскиот зелен договор, лидерите на земјите од Западен Балкан, во Софија ја потпишаа Софиската декларација, политичка рамка за спроведување на Зелена Агенда за Западен Балкан (ЗАЗБ). Овој документ предвидува постигнување на целите преку делување во неколку области и тоа декарбонизација односно климатска акција, зелена енергија и одржлив тренспорт, потоа циркуларна односно кружна економија, борба против загадувањето на водата, воздухот, и почвата, одржливо производство на храна и одржливи рурални средини и биодиверзитет односно заштита и обновување на природата и екосистемите. Иако барањата се однесуваат на регионално ниво, сепак за постигнување на истите неопходно е да работат државите на национално, односно локално ниво. За таа цел во рамките на проектот „Регионално партнерство за подобро спроведување на Зелена агенда на локално ниво“ направивме анализа за тоа какви плански документи усвојуваат општините во Македонија и кои се плановите за нивно спроведување.

Локалниот еколошки акциски план (ЛЕАП) е документ кој е обврска за секоја општина, но само 17 (20%) од вкупно 81 општина во Македонија имаат изработено ЛЕАП, потоа 6 (9%) тврдат дека имаат, меѓутоа не е пронајден на нивните веб-страни, а дури 58 (72%) не поседуваат ЛЕАП или истиот е со изминат рок.

Само 24 општини односно 30%  имаат важечки План или Програма за постапување со отпад, додека пак 20 (25%) тврдат дека имаат, но не е пронајден на веб-страниците, а 37 (46%) немаат План или Програма или имаат, но со изминат рок.

Само Општина Охрид има изработено Акционен План за бучава, потоа три општини и тоа Врапчиште, Карпош и Тетово тврдат дека имаат, но не е пронајден на нивните официјални веб-страници, а останатите 77 општини немаат Акционен План за бучава.

Од 81 општина во Македонија, 15 (19%) имаат изработено Стратегија за климатски промени, вклучувајќи ја и заедничката „Отпорно Скопје“, 5 (16%) тврдат дека имаат, но не е пронајдена на веб-страниците, а 61 (75%) немаат Стратегија за климатски промени или поседуваат, но со изминат рок.

Изработката на Програма за енергетска ефикасност е обврска согласно Законот за енергетска ефикасност, меѓутоа од вкупно 81 општина во државата, само 10 (12%) општини имаат изработено, потоа 21 (26%) од нив тврдат дека имаат, но не е пронајдена на веб-страниците, а 50 (62%) немаат Програма или имаат, но со изминат рок.

Согласно Законот за животна средина (член 172), изработката на Програма за инвестирање во животната средина и финансирање на ГО е задолжителна. Од 81 општина во Македонија, 22 (27%) имаат изработено Програма за заштита на животната средина, 17 (21%) тврдат дека имаат, но не е пронајдена на веб-страниците, а 42 (52%) немаат никаква Програма или имаат со изминат рок.

Програма за комунални дејности имат изработено само 24 општини (30%) додека 29 (36%) тврдат дека имаат, но не е пронајдена на веб-страниците, а 28 (35%) немаат Програма или имаат со изминат рок.

Согласно член 22 од Законот за локална самоуправа, изработката на Програма за локален економски развој е задолжителна. Но само 24 (30%) општини имаат изработено ваква програма, потоа 27 (33%) тврдат дека ја имаат меѓутоа е недостапна на нивните веб-страни. 30 општини или (37%) немаат Програма или имаат со изминат рок.

Согласно Законот за локална самоуправа и Законот за урбанистичко планирање, изработката на Програма за изработка на урбанистички планови е задолжителна. Меѓутоа само 38% односно 31 општина имаат изработено Програма за урбанистички планови, исто толкав број на општини тврдат дека изработиле, но таков податок нема на нивните веб-страници, додека 19 (23%) немаат или им е со изминат рок.

Изработката на Стратегија за локален економски развој (ЛЕР) не е законска обврска, но е во согласност со целите на Зелената агенда за Западен Балкан, што овозможува локалните самоуправи да ја изработат на своја иницијатива. Само 36 (44%) општини имаат, додека 12 (15%) тврдат дека имаат, но не е пронајдена на нивните веб-страници, а 33 (41%) немаат изработено ЛЕР или истата е со изминат рок.

Според член 88 од Законот за земјоделство и рурален развој, изработката на Стратегија за локален рурален развој е задолжителна. Но ваква стратегија имаат само 4 (5%) општини, 5 (6%) тврдат дека имаат, но не е пронајдена на нивните веб-страници, а 72 (89%) немаат Стратегија или имаат со изминат рок.

План за заштита од ерозија имаат само 5 (6%) општини, потоа 7 (9%) општини тврдат дека имаат, но не е пронајден на нивните веб-страници, а 69 (85%) немаат изготвено ваков план или имаат со изминат рок.

Општина Берово е единствената општина која има иработено Пилот регионален план за унапредување на шумите во Малешевскиот регион, а тоа ги опфаќа Берово и Пехчево со акциски план за 2020-2025 година, потоа 3 општини тврдат дека имаат изработено План за стопанисување со шуми, но истиот не е пронајден на нивните веб-страници, додека пак 77 (95%) општини немаат План за стопанисување со шуми или имаат со изминат рок.

План за уредување на речни корита имаат изработено само 7 општини тоа значи 9%, 13 општини или 16% одговориле дека имаат изработено ама не е пронајден на нивните веб страни и 61 општини или 75% немаат План за уредување на речни корита или истиот е со поминат рок на важност.

Оваа анализа покажува дека многу мал процент од општините имаат плански документи со кои можат да планираат и да спроведуваат активности кои произлегуваат од барањата на Зелена Агенда. Ниту една од општините ги нема изработено сите плански документи кои се обврска согласно националното законодавство за животна средина и климатски промени.  Ваквата состојба со немање плански документи кои се задолжителни согласно националното законодавство, , ги продлабочуваат предизвиците за подобра имплементација на ЗАЗБ. Исто така, тоа укажува на фактот дека општините не планираат доволно активности за постигнување на барањата и подобрување на состојбите во животна средина, и истовремено и не ги приоретизираат овие прашања. Недостига лидерство, приоретизација и јасна визија за тоа како ќе се постигне одржлив развој на локално ниво.

Дополнително, oпштините се соочуваат со сериозни предизвици, како што е недостатокот на средства за финансирање на проекти за животна средина и одржлив развој, а недоволните административни капацитети ги ограничуваат можностите за искористување на постојните ЕУ фондови.

Во однос на транспарентноста, евидентно е дека веб-страниците на општините не се редовно ажурирани и има недостаток на транспарентност во објавувањето на важни информации за животната средина.

Во таа насока, нашите препораки се следни:

  • Неопходно е да се работи на јакнење на меѓуопштинската соработка за поддршка на руралните општини во планирањето и спроведувањето на активности.
  • Подобрување на техничките и административните капацитети на општините преку обуки за изработка и ажурирање на плански документи е приоритет доколку сакаме подобро спроведување на приоритетите и законските обврски.
  • Обезбедување пристап до финансиски средства преку обука на вработените во користење на достапните фондови, затоа што финансиите се неопходни за спроведување на планските документи и одредбите од законодавството.
  • Зголемување на транспарентноста и учеството на јавноста во изборот на приоритети и проекти за Зелената агенда се предуслов за добро спроведување на политиките за ЗАЗБ.
  • Подобрување на структурата и функционалноста на веб-страниците на општините со стандарден формат за подобра прегледност.
  • Финансиска и административна поддршка за општините и приватниот сектор во развојот на зелена и циркуларна економија.
  • Зголемување на инвестициите во зелена инфраструктура на национално и локално ниво за одржлив развој, особено изнаоѓање начини за поголема алокација на средства за животна средина во општинските буџети.Истражувањето укажува на итната потреба од подобрување на управувањето, транспарентноста и капацитетите на општините за успешно спроведување на Зелената агенда на локално ниво во Северна Македонија.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *