Откако во септември оваа година на кандидатите за градоначалници им доставивме барања за интегрирање на политиките за Зелена агенда во своите програми за претстојните локални избори, сега ги анализиравме нивните програми со цел да утврдиме кои се нивните заложби поврзани со спроведувањето на Зелената агенда за Западен Балкан.
Во текстот подолу прочитајте за „зелените“ програми на кандидатите за градоначалници на Град Скопје кои ќе се тркаат во вториот круг: Г-дин Орце Ѓорѓиевски (ВМРО – ДПМНЕ) и Г-дин Амар Мециновиќ (Левица).
- РЕЗИМЕ НА ПРОГРАМАТА НА Г-дин Орце Ѓорѓиевски (ВМРО – ДПМНЕ)
Програмата на Кандидатот за Градоначалник на ВМРО-ДМПНЕ, г-дин Орце Ѓорѓиевски е сеопфатна, фокусирана на европски интеграции, одржливост, чистење на градот и социјални еколошки мерки.
Во првиот столб – Декарбонизација, стратешка цел е Скопје да се приклучи кон ЕУ мисијата за климатски неутрални градови, со визија градот да стане CO₂-неутрална метропола до 2030 година.
Тука во истиот столб, неговата програма предвидува, зелена енергија и Одржлив транспорт, преку промовирање на е-возила преку проектот „Електричен полнач на 100 локации“.
Во столбот циркуларна економија, пристапот е насочен кон граѓаните: Воведување систем за селекција и рециклирање на отпад со специјализирани контејнери и наградување на граѓаните кои активно рециклираат (на пример, со бесплатна годишна комунална сметка).
Овој кандидат предвидува и мерки за борба против загадувањето (Вода, Воздух, Почва), па така програмата вклучува набавка на дронови и воспоставување „зелен катастар“ за следење на загадувањето. Предвидени се континуирани акции за чистење на диви депонии, поставување видео надзор и санација на почвата. Во делот за вода, се планира систем за реупотреба на вода за чистење на улиците.
Значајно е тоа што овој кандидат за градоначалник планира да воспостави Совет за чисто Скопје кој ќе биде формиран од експерти и граѓани и ќе ги координира еко-активностите (чист воздух, намалување на отпад, заштита на јавни површини) и ќе ја подигнува еколошката свест кај граѓаните. Со мултимедијална поддршка и кампањи, ова тело ќе осигура поголема транспарентност и инклузивност во спроведувањето на мерките.
Одржлива земјоделска политика и производство на храна – Оваа област се адресира преку три програми:
- Програма „Младински оброк“: Субвенциониран дневен оброк за средношколците.
- Програма „Скопско локално“: Поддршка на локални производители да се интегрираат во продажниот ланец.
Во столбот за заштита на природата и и обнова на биодиверзитетот, целта е постигнување минимум 25 м² зелена површина по жител. Клучна мерка е Ботаничка градина: Инцијатива за обновување на Ботаничката градина во партнерство со УКИМ и невладини организации. Се планира садење автохтони и ендемични растенија, едукативни простори и системи за наводнување/мониторинг. Резултатите се зголемена урбана микроклима и јавна свест за екологија, создавајќи „жива лабораторија“ за студенти и истражувачи.
Понатаму, проектот „Зелена рамнотежа“ предвидува систематско одржување на сите зелени површини во градот (дрвореди, паркови, шуми) со стандарди за кошење, наводнување и евиденција во геопросторна платформа. Секој парк и дрворед ќе имаат уникатен идентитет и електронски дневник со извештаи за состојбата. Ова опфаќа сезонски инспекции и граѓански мониторинг, овозможувајќи транспарентно планирање според европски стандарди.
- РЕЗИМЕ НА ПРОГРАМАТА ЗА ЗЕЛЕНАТА АГЕНДА: Градоначалник Г-дин Амар Мециновиќ (ЛЕВИЦА)
Програмата на Амар Мециновиќ е фокусирана на големи инфраструктурни проекти, поддршка на еколошки свесни навики и воведување на иновативен јавен транспортен систем.
Во декарбонизација, клучна мерка е воведување на комбиниран еколошки јавен превоз, интегриран систем кој спојува постоечки железнички линии, нова елевирана железница (монорел) и циркуларни електрични автобуси. Сето ова има за цел да го намали сообраќајниот метеж и емисиите на CO₂. Во истиот овој столб, планирано е поставување соларни енергетски системи на покривите на сите средни училишта и други јавни објекти под надлежност на Градот, како и изградба на мала градска соларна електрана од приближно 30 MW.
Столбот за циркуларна економија својот пристап го насочува кон инфраструктурата: Главна мерка е изградба на фабрика за селекција и рециклирање на отпад во рамките на градскиот систем. Целта е отпадот да се третира како суровина, што директно ќе ја намали количината на отпад на депонија.
За борба против загадувањето (Вода, Воздух, Почва), предвидени се мерки за откривање и спречување на дивите депонии. Овој кандидат планира набавка на дронови за воздушно надгледување и воспоставување на „зелен катастар“ (дигитална база на еколошки „црни точки“).
Одржлива земјоделска политика и производство на храна се области кои се адресираат преку:
Урбани градини и зелени технологии: Во насока на едукација и промоција на одржливо произведување храна, програмата предвидува воспоставување на урбани градини во рамки на новиот „Парк на технологијата“.
Возобновување на традиционалниот Цветен пазар: Програмата има за цел и зајакнување на локалните прехранбено-земјоделски пазари. Еден конкретен проект е враќање на традиционалниот Цветен пазар на плоштадот во Скопје.
Интеграција на руралните заедници и агро-туризам: Некои инфраструктурни проекти во програмата се насочени кон подобро поврзување на селските населби околу Скопје, што ќе им помогне на локалните земјоделци и производители. На пример, изградбата на нови сообраќајни врски (вториот влез во н. Даме Груев, поврзување на Матка со обиколницата) ќе овозможи подобар пристап до градот за руралните заедници. Со ова се поттикнува развој на селски туризам и агро-економски активности во падините на Водно и западните периферии.
За заштита на природата и обновување на екосистемите клучните проекти се:
- Проекти за пошумување, обновување и уредување на нови зелени површини.
- Специјален Закон за Водно – со што на парк шума Водно ќе му се додели највисок степен на правна заштита.
Овој кандидат предвидува и мерки за запирање на насилната урбанизација, односно Зони забранети за урбанизација: Во програмата силно е нагласена заштитата на природните подрачја околу Скопје преку прогласување на дел од нив за зони во кои е забранета урбанизација. Како дел од новиот урбанистички план, масивите на Водно, Серава, Камник и Скопска Црна Гора ќе бидат дефинирани како подрачја без право на градење (неурбанизирачки зони) со цел зачувување на природата и на околните рурални појаси. Веќе е предвидена целосна забрана на нови објекти на падините на Водно, како и запирање на постојното “урбано дивеење”.
Заклучок: Заложби за Зелена Агенда имаме – следниот чекор е имплементација!
Анализата на програмите на двата кандидата кои влегуваат во вториот круг, Орце Ѓорѓиевски (ВМРО – ДПМНЕ) и Амар Мециновиќ (Левица), јасно покажува дека и двајцата ја интегрирале Зелената агенда за Западен Балкан во своите визии за Град Скопје. Ова само по себе претставува позитивен сигнал дека еколошките политики се високо на агендата на идното градско раководство.
И двајцата кандидати нудат конкретни решенија за најгорливите проблеми: од инвестиции во еколошка инфраструктура (фабрика за рециклирање кај Мециновиќ, реупотреба на вода кај Ѓорѓиевски) и подобрување на јавниот транспорт, до употреба на дронови и зелен катастар за борба против загадувањето како и запирањето на насилната урбанизација која претставува дополнителен притисок за предизвиците во животната средина. Останува да видиме дали и како новиот Градоначалник на Град Скопје ќе ги реализира планираните мерки во својата предизборна програма.
Разликите во приоритетите се јасни: Ѓорѓиевски се фокусира на постигнување на европските климатски цели до 2030 година и ангажирање на граѓаните преку систем на награди за рециклирање, додека Мециновиќ предлага големи, структурни транспортни проекти (монорел) и инфраструктура за управување со отпад.
Со оглед на тоа што Скопје се соочува со хронични еколошки проблеми, останува најважното прашање: како овие амбициозни заложби ќе бидат спроведени во пракса. Само со ефикасна имплементација, силна политичка волја и транспарентност ќе можеме да утврдиме дали овие „зелени“ програми ќе донесат вистинска и долгорочна промена за граѓаните на Град Скопје.
Целосната споредба на проектите на кандидатите за градоначалник на Град Скопје можете да ја погледнете тука.
