Центар за климатски промени – Гевгелија како дел од проектните активности на рамките на проектот „Зголемување на отпорноста кон климатските промени на локално ниво“ распишува повик за ангажирање на консултант/консултантска компанија за подготовка на „Инвентар за стакленички гасови за единиците на локална самоуправа (ЕЛС): Центар, Прилеп и Демир Капија“.
Проектот е финансиран во рамките на проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“ предводен од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест”, во соработка со „Македонското здружение на млади правници” и „Организација за поврзување на природни вредности и луѓе” (CNVP), а финансиски поддржан од Владата на Шведска.
Општи информации за проектот
Општа цел на проектот е да се зголеми отпорноста кон климатски промени на локално ниво преку подобро планирање, зголемена свест и соработка на сите засегнати страни и ублажување на ефектите од климатските промени. Исто така проектот ќе допринесе за идентификување на главните сектори кои придонесуваат за емисии на стакленички гасови на локално ниво и проценка на ризик за ранливите сектори (води, шумарство и инфраструктура – локални патишта), но и градење на капацитетите на општинската администрација и локалните граѓански организации за значењето на климатската отпорност.
Опис на задачата
Консултантот е потребно да допринесе во изработката на локалните планови за енергија и клима (ЛПЕК), кој ќе бидат изработени за три единици на локална самоуправа: Центар, Прилеп и Демир Капија. Плановите ќе се засноваат на преглед на изворите на емисија на стакленички гасови односно главните сектори кои допринесуваат за емисија на стакленички гасови, но и секторите кои се најзасегнати од климатските промени кои се случуваат на локално ниво (води, шумарство и инфраструктура – локални патишта). Консултантот е потребно да направи инвентар за стакленички гасови, каде ќе бидат проценети емисиите од сектор енергетика, транспорт, AFOLU, IPPU. Врз основа на проценките кои ќе бидат направени, потребно е консултантот да идентификува соодветни мерки за ублажување кон климатските промени во наведениот сектор. Мерките за ублажување на климатските промени треба вклучуваат прецизни временски рамки на реализација, улоги и одговорности, проценета вредност на инвестицијата и истите ќе бидат структурирани во акциони годишни планови за реализација на ЛПЕК. Инвентарот треба да се подготви во електронска верзија на македонски јазик за секоја општина засебно, истиот ќе биде интегрален дел од ЛПЕК.
Задачи кои се очекува да ги исполни консулатантот:
- Да направи проценка на емисиите за секторите енергетика, транспорт, отпад, AFOLU и IPPU во избраните ЕЛС како и консултации за идентификација на индикатори
- Да направи десктоп истражување за достапните податоци за проценка на емисиите за секоја ЕЛС
- Да достави листа на потребни податоци од ЕЛС за изработка на инвентарните
- Да комуницира со проектниот тим за потребните податоци од ЕЛС и редовно да го информира за напредокот на инвентарот
- Да изработи основен инвентар за емисии на стакленички гасови и наративен извештај за секоја ЕЛС
Потребни квалификации на консултантот/консултантската компанија:
- Лицето кое ќе биде назначено за работа треба да има завршено високо образование на некој од факултетите за технички науки,
- Најмалку 5 години искуство во областа на техничките науки,
- Искуство во истражување, собирање и анализа на документи и податоци,
- Добри комуникациски вештини.
Професионално искуство:
- Практично искуство во подготовка на извештаи, студии, за прибирање на податоци во полето на енергетика, транспорт, отпад ќе се смета како предност
Времетраење на ангажманот:
Времетраење на ангажманот е 4 месеци.
Финансиски надомест:
Максималната вредност на овој договор изнесува 540.000,00 денари.
Оценка на кандидатите:
Евалуационата комисија ќе го извести само оној кандидат чија понуда ќе биде избрана. Канидатите ќе бидат оценувани по следните критериуми:
- Претходно искуство во спроведувањето на слични активности и предложена методологија- 70 бодови
- Понудена цена за активноста- 30 бодови
Вкупно 100 бодови.
Договор ќе биде склучен со оној кандидат кој ќе добие најголем број бодови.
ПРИЈАВУВАЊЕ
Кандидатот треба да ја испрати комплетната понуда на еmail: ckp.skopje@gmail.com најдоцна до 31 август 2023 г., со назнака „Пријава за консултатнт за изработка на инвентар за стакленички гасови“. Некомплетни понуди или понуди испратени по предвидениот рок нема да бидат земени предвид.
Повеќе информации можете да добиете на тел. 02 5208 330.
Напишете коментар