„Зелената Агенда“ на маргините на општествените промени. До каде се промените за спроведување на Зелената Агенда во Македонија?

објавено во АКТИВНОСТИ, ОБЈАВИ | 0

 

„Зелена Агенда за Западен Балкан“, долгорочна стратегија за земјите од Западен Балкан, која во 2020 година ја потпишаа лидерите на земјите од Западен Балкан веднаш по усвојувањето на „Зелениот договор на ЕУ“ со цел надминување на проблемите со загадувањето но и забрзување на процесот на усогласување на стандардите за животна средина со тие на ЕУ. Но што тоа значи? Декарбонизацијата на енергетскиот сектор, но и јаглеродно интензивните сектори, како и одржливото управување со отпадот се области кои директно ќе влијаат врз намалување на загадувањето на воздухот, водата и почвата, но и сериозно ќе придонесат во подобрувањето на јавното здравје. Последново е од особена важност, имајќи предвид дека загадувањето е главна причина за предвремена смрт на илјадници луѓе во регионот. Но, до каде сме со сите овие процеси? Имаме ли капацитет и ресурси да се справиме со сите овие предизвици на национално, но и на локално ниво? Дали правиме доволно? Дали креаторите на политики ги ставаат во фокусот приоритетите предвидени со „Зелената Агенда“, и постои одлучност за суштински реформи и политичка волја, како и поддршка и инклузивност во реализација на проектите и програмите? Мора да се признае дека напредокот е бавен, предизвиците се бројни а надлежните институции тешко се прилагодуваат на промени. Иако во последниот период притисокот од јавноста и граѓанскиот сектор е поизразен, сепак, еден од главните недостатоци е фактот што голем дел од одредбите од „Зелената Агенда“ не се правно обврзувачки за земјите. Од друга страна, корупцијата, лошото владеење и клиентелизмот  им овозможуваат на индустриските капацитети лесно да се извлечат од своите обврски во однос на стандардите за заштита на животната средина и јавното здравје. Општините кои имаат воспоставено систем за селекција на отпадот се вистинска реткост и сеуште со воодушевување се претставуваат во јавноста како добар пример, иако оваа пракса веќе одамна требаше да биде општоприфатен стандард и сега веќе да зборуваме и за воведување на принципите на циркуларна економија.

Напуштањето на јагленот и натаму доцни и во отсуство на стабилен алтернативен извор на базна енергија сеуште се смета како опција и тоа за жал не само на краток рок. Прооцесите на трансформација на локалната економија на регионите на јаглен сеуште се на самиот почеток, односно не се изработени соодветни стратегии. Развојот на преносната и дистрибутивната електроенергетска мрежа е сериозен предуслов за трансформација односно декарбонизација на секторот енергетика. За жал, и во овој сегмент се доцни. Енергетската сиромаштија сеуште е на ниво од над 20%, односно повеќе од двојно од просекот на земјите во ЕУ. Таквите домаќинства не се во можност економски да се зајакнат преку инвестиции во „чиста“ енергија како на пример фотоволтаици, самостојно или преку здружување во енергетски задруги. Причините се првенствено економски секако, но мора да се спомене и неинформираноста, отсуство на поактивен пристап од страна на надлежните институции како и доцнење во заокружувањето на соодветната законска регулатива. Во прв ред тука станува збор за усвојување на Законот за обновливи извори како и измени на Законот за задруги. Што се однесува до декарбонизацијата и намалувањето на загадувањето кај компаниите, предизвиците се исто така бројни особено во пресрет на воведувањето на Cross Border Adjustment Mechanism (CBAM), односно одданочувањето на јаглеродот емитуван при производството кај одредени индустриски сектори. Тоа сериозно ја погодува нивната конкурентност на ЕУ пазарите. Како еден од најголемите проблеми во овој сегмент мора да се спомене развојот на дистрибутивната мрежа, бидејќи неретко се случува токму поради недоволен капацитет на мрежата одредени компании да бидат оневозможени да ги реализираат своите инвестиции во фотонапонски постројки, особено во одредени региони во земјата. Проблемите и предизвиците се бројни, а ние како организација која работи на креирање на политиките и следењето на напредокот потенцираме дека неопходно е одржлив пристап во креирањето на развојните политики – економски раст кој нема да ги зголеми емисиите на стакленички гасови и максимално ќе го намали негативното влијание врз животната средина. Достигнувањето на ваквата цел е сложен процес и затоа бара посветен, сеопфатен пристап, висок професионализам, учење од туѓите искуства, силна политичка волја и учество на сите засегнати страни.

Со проектот „Регионално партнерство за подобро спроведување на Зелена Агенда на локално ниво“ кој го спроведуваме со Еко зелено движење, Геосфера, Екотуризам – 2016 Охрид, Креактив, Фондација за локален развој и развој на информатички технологии, Национален ромски центар и Ецо ацтион од Тетово, а е финансиран преку програмата Цивика Мобилитас целиме кон тоа да ја приближиме Зелената Агенда до локалните власти и сите чинители на локално ниво, кои со активно вклучување во процесите на креирање на политиките ќе допринесат кон нејзино спроведување. Во следниот период ќе работиме на активности кои ќе овозможат транзиција на Македонија кон целите на ЕУ за јаглеродно неутрално општество преку инклузивно и транспарентно спроведување на Зелената Агенда за Западен Балкан на локално ниво, со активна соработка на граѓанскиот сектор со сите засегнати страни и вклученост во креирањето на политиките.