Добра земјоделска пракса придонесува производството на храна за луѓето и животните, да има што поминимално негативно влијание врз животната средина и го спречува исцрпувањето и нерационалната употреба на ресурсите и средствата кои се користат во земјоделското производство – почвата, водата, животните и растенијата. Ваквите добри земјоделски пракси се засноваат на примена на агротехнички и други мерки кои обезбедуваат:

  • висок степен на заштита на здравјето на потрошувачите,
  • заштита на природата,
  • одговорно управување со земјиштето, одржување на плодноста на почвата,
  • нејзината структура и содржината на хранливи материи,
  • одговорна употреба и заштита на водата,
  • безбедно користење и складирање на средствата за заштита на растенијата,
  • опремата за нивна примена и безбедносни методи на работа,
  • управување со отпадот (ѓубривото) од органско потекло и
  • водење и чување на документација за активностите на земјоделскиот имот.

Примената на земјоделските пракси на ваков одговорен начин е првично и основно во корист на самите земјоделци, бидејќи така се обезбедуваат услови за одвивање на нивното производство и во иднина. Зачувувањето на здравјето на земјоделците и на потрошувачите и запазувањето на чистата вода, земјиште и воздух само го зголемуваат значењето на вршење на земјоделството со примена на овие постапки.

Во најголем дел барањата за добра земјоделска пракса се вклучени во прирачникот за вкрстената сообразност и се однесува на работи кои земјоделците се обврзани секако да ги применат согласно законите во Република Северна Македонија во делот на земјоделството, безбедноста на храната, ветеринарното здравство и заштита на животната средина, дури и доколку не се корисници на мерките за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. За да можете да проверите дали Вашата пракса е во согласност со прирачникот за вкрстената сообразност е изработена дигитална алатка која Ви дава одговор за Вашата усогласеност. Подолу е даден линк до дигиталната алатка каде можете да проверите Вашата усогласеност.

www.ckp.org.mk/dzp