Општина Крива Паланка продолжува со засилена динамика на реализација на капитални инфраструктурни и урбани проекти, кои значајно го менуваат изгледот и функционалноста на градот. Денес, градоначалникот Сашко Митовски изврши непосреден увид во тековните градежни активности на повеќе локации низ општината, каде во тек е реализација на проекти од стратешко значење за локалниот развој.
Во фокусот на теренските активности е комплетната реконструкција на централната улица „Св. Јоаким Осоговски“, проект што опфаќа асфалтирање и изградба на атмосферска канализација во должина од околу 2.000 метри. Со реализацијата на овој зафат, главната сообраќајна артерија во градот добива современо и функционално инфраструктурно решение, што ќе придонесе за побезбеден, модерен и поквалитетен урбан простор.
Градоначалникот Митовски изврши увид и во активностите за уредување на мајор корито на Крива Река, проект со кој запоставениот простор прераснува во современо урбано обележје и нов јавен простор за граѓаните.
Во тек е и реконструкцијата на локалниот пат кон туристичкиот локалитет Калин Камен, инвестиција што ќе овозможи подобра сообраќајна поврзаност и дополнителен развој на туристичките потенцијали на регионот. Паралелно се реализира и изградбата на „Адреналински парк – Калин Камен“, кој се очекува да прерасне во нова туристичка и рекреативна атракција со регионално значење.
Како дел од тековните активности, се работи и на партерното уредување на дворот на ЛУ Градски музеј, со што градот добива нов современ и функционален културен простор наменет за граѓаните и посетителите.
„Крива Паланка се развива со работа, посветеност и конкретни резултати. Продолжуваме со силна динамика да инвестираме во модерна инфраструктура, урбан развој и проекти што директно го подобруваат квалитетот на живот на граѓаните“, истакна градоначалникот Митовски при денешниот теренски увид.Со реализацијата на овие капитални инвестиции, Општина Крива Паланка продолжува да гради современ, функционален и урбан развој, во насока на создавање подобри услови за живот, развој на туризмот и одржлив локален напредок.
Извор: Општина Крива паланка