По повод празникот Прочка, во Општина Кривогаштани се одржа традиционалниот карневал “Прочкарска смеа за секого”, кој внесе, смеа и разиграност меѓу присутните.
Настанот беше вистинска прослава на креативноста и детската фантазија, а атмосферата беше исполнета со весела музика, шарени бои и многу насмевки.
Во карневалската поворка учествуваа ученици од двете општински основни училишта – ООУ “Манчу Матак” и ООУ “Јонче Смугрески” и од двете градинки: “Весело штркче” и “Јаготка”.
Учениците, со голема возбуда и ентузијазам, продефилираа во најразлични маски, од традиционални ликови поврзани со нашето поднебје, до модерни и фантастични костими инспирирани од бајки, цртани филмови и од животинскиот свет.
Можеше да се забележат креативно изработени маски на принцези и витези, суперхерои, кловнови, животни, како и оригинални групни маски кои раскажуваа приказни и пренесуваа пораки за другарство, љубов и почитување.
Посебно внимание привлекоа рачно изработените детали – шарени украси, маски од хартија и текстил, светкави додатоци и внимателно осмислени костими кои сведочеа за вложениот труд и посветеност.
Карневалот не беше само можност за забава, туку и за негување на традицијата и обичаите поврзани со празникот Прочка – ден кога се простува и се започнува со чисто срце.
Со овој карневал уште еднаш се потврди дека заедништвото, креативноста и радоста се вредности кои се негуваат меѓу младите генерации во Кривогаштани. Настанот остави убави спомени и најави дека традицијата ќе продолжи и во иднина, со уште поголем ентузијазам и учество.
Тешка беше задачата да се одберат најдобрите маски, но изборот падна на следниве учесници:
Категорија индивидуална маска:
I место: Петар Ликоски – “Цар Самоил”
II место: Анабела Грашкоска – “Chat GPT”
III место: Андреј Крстески – “Дедо”
Категорија групна маска:
I место: ученици од VII и VIII одд. од Кривогаштани – “Жена – НЕ”
II место: IV одд. од Кривогаштани – “Витези и принцези”
III место: IV одд од Обршани – “Македонија во срцето”
Исто така, пофалени се:
– дечињата од двете градинки,
– маската “Сончеви облачиња” на учениците од II одд. од Кривогаштани и
– маската “Каменковци” на учениците од I одд. од Обршани.
За сите наградени и пофалени ученици, Општина Кривогаштани ќе обезбеди пригодни награди.
Извор: Општина Кривогаштани