Кривогаштани: Одржан координативен состанок за превенција и заштита од пожари

објавено во Општински вести | 0
Кривогаштани: Одржан координативен состанок за превенција и заштита од пожари

Денес во просториите на Општина Кривогаштани се одржа работен состанок со претставници на Полициското одделение – Кривогаштани, Територијалната противпожарна единица – Кривогаштани и ЈП „Пелагонија“, посветен на координацијата на активностите за превенција, рано откривање и навремено справување со пожарите на отворен простор во текот на летниот период. На состанокот беа разгледани актуелната состојба на терен, ризиците од појава на пожари, како и мерките што ќе се преземаат за нивно спречување и брза интервенција.

Во наредниот период ќе бидат интензивирани патролите на Полициското одделение – Кривогаштани и Територијалната противпожарна единица – Кривогаштани, со цел постојано следење на состојбата на терен, навремено откривање на потенцијални опасности и превентивно делување на ризичните локации. Институциите ќе продолжат со тесна меѓусебна координација и ќе постапуваат согласно своите законски надлежности за заштита на граѓаните, имотот и природните богатства.

Упатуваме апел до сите граѓани и земјоделци да покажат максимална одговорност и да ги почитуваат пропишаните мерки за заштита од пожари. Особено се нагласува забраната за палење стрништа, сува вегетација и друг растителен отпад, како и забраната за користење отворен оган во близина на шуми, пасишта и земјоделски површини. Земјоделската механизација која учествува во жетвените активности треба да биде технички исправна и опремена со соодветни противпожарни средства.

Потсетуваме дека непочитувањето на законските забрани повлекува соодветни санкции, а секој граѓанин кој ќе забележи пожар или непосредна опасност од негово настанување е должен веднаш да ги извести надлежните служби на телефонските броеви 193, 192 или 195.

Со навремена реакција, одговорно однесување и заедничка соработка можеме значително да го намалиме ризикот од пожари и да придонесеме за безбедноста на нашата општина.


Извор: Општина Кривогаштани