Новаци: Регионалната платформа за млади се потврдува како клучен механизам за креирање регионални политики и унапредување на младинското учество

објавено во Општински вести | 0
Новаци: Регионалната платформа за млади се потврдува како клучен механизам за креирање регионални политики и унапредување на младинското учество

Се одржа 5-тата седница на Платформата, на која учествуваа седум градоначалници и претставници на општините од регионот, како и осум граѓански организации – членки на Платформата.
Седницата уште еднаш потврди дека Регионалната платформа за млади функционира како активен простор за дијалог, координација и заедничко креирање регионални иницијативи и политики кои произлегуваат директно од потребите на младите.
Особено значаен момент беше отворањето и разгледувањето на иницијативи и регионални предлог-политики кои се развиваат надвор од проектниот опсег на програмата „Цивика мобилитас“. Овој процес претставува јасен показател дека Платформата прераснува во функционален и одржлив механизам преку кој младите, институциите и граѓанските организации заеднички иницираат решенија и политики што одговараат на реалните потреби на заедницата.
Во рамки на седницата беа разгледани тековните активности на Платформата, како и секторските анализи и препораки во областа на културата и туризмот. Присутните дискутираа за конкретни мерки насочени кон подобрување на младинските политики и поголема вклученост на младите во локалниот и регионалниот развој.
Во делот посветен на туризмот, беше истакната потребата Пелагонискиот регион да се промовира како автентична и одржлива туристичка дестинација преку поголема вклученост на младите. Анализите покажаа дека регионот има значителен потенцијал, но дека е неопходна подобра организација, координација и заеднички настап на општините, локалните туристички субјекти и младите. Во таа насока, беа отворени дискусии за развој на промотивни тури, подобра дигитална видливост на туристичката понуда, создавање интегрирани туристички пакети и поголема поддршка за младинско претприемништво во туризмот. Дополнително, беше потенцирана потребата од едукативни програми и менторска поддршка за младите, со цел тие поактивно да се вклучат во развојот на локалната туристичка економија и создавање нови локални бизниси.
Во областа на културата, учесниците ја нагласија потребата од системски и долгорочен пристап кон локалниот културен развој, особено во помалите општини каде културните содржини и инфраструктура се ограничени. Беше потенцирано дека е неопходно општините да развиваат локални стратегии за култура, да обезбедат порамномерна распределба на средствата и да создадат современи и достапни културни простори за младите. Истовремено, беше истакната важноста од поголема соработка помеѓу институциите, граѓанските организации и образовните установи, со цел младите да бидат активно вклучени не само како публика, туку и како креатори и организатори на културни содржини и настани.
Посебно внимание привлече иницијативата за воведување посебна буџетска ставка „МЛАДИ“ во буџетскиот циркулар – иницијатива која произлезе од заедничката работа на младите и службениците за млади од Пелагонискиот регион. И оваа иницијатива беше разгледувана надвор од директниот проектен опсег на „Цивика мобилитас“, што дополнително ја потврдува способноста на Платформата да генерира реални и одржливи механизми за младинско учество.
Преку редовен дијалог, отворање важни регионални теми и заедничко носење препораки, Регионалната платформа за млади сè повеќе се позиционира како пример за суштинско младинско учество и успешна регионална соработка.
Одржувањето на 5-тата седница претставува уште една потврда дека младите активно го заземаат своето место во процесите на креирање локални и регионални политики, а Платформата продолжува да се развива како простор каде нивниот глас добива реална тежина и институционално значење.
Активностите се реализираат во рамки на проектот „Младински политики по мерка на младите“, со поддршка од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.


Извор: Општина Новаци