Кочани (Вести): Донација од Полска за Општа болница – Кочани – потпишан договор за медицинска опрема

објавено во Општински вести | 0
Кочани (Вести): Донација од Полска за Општа болница – Кочани – потпишан договор за медицинска опрема

Општина Кочани изразува искрена благодарност до Република Полска, Амбасадата на Република Полска во Скопје и Министерството за надворешни работи на Република Полска за укажаната поддршка, солидарност и доверба. Оваа донација претставува значаен придонес за унапредување на здравствените услуги и подобрување на условите за лекување на граѓаните од Кочани и целиот Источен регион.

Во рамки на проектот ќе биде набавена современа медицинска опрема за гинеколошкото одделение, која по нејзината набавка Општина Кочани ќе ѝ ја предаде на Општата болница – Кочани. Со оваа инвестиција ќе се подобрат условите за работа на медицинскиот персонал и ќе се овозможи поквалитетна здравствена грижа за пациентите.

Поддршката има особено значење за нашата заедница, која во изминатиот период се соочи со големи предизвици. Хуманоста и пријателството што Република Полска ги покажа кон граѓаните на Кочани, како непосредно по трагичниот настан во март 2025 година, така и преку оваа развојна помош, претставуваат силна потврда за искреното партнерство и соработка меѓу двете земји.

Општина Кочани останува посветена на понатамошно продлабочување на соработката со Република Полска и со сите меѓународни партнери кои придонесуваат за развојот на локалната заедница и подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните.


Извор: Општина Кочани