Делчево (Новости): Одбележан светскиот ден на книгата и авторското право: Електронско читање-предности и недостатоци

објавено во Општински вести | 0
Делчево (Новости): Одбележан светскиот ден на книгата и авторското право: Електронско читање-предности и недостатоци

По повод 23 април – Светскиот ден на книгата и авторското право, во ЈЛБ „Илинден“ – Делчево се одржа дебата на тема „Електронско читање – предности и недостатоци“, на која активно учество зедоа учениците од IX-1 одделение при ООУ „Ванчо Прке“ – Делчево, заедно со нивниот класен раководител Билјана Стоиловска, наставник по македонски јазик.

Во дебатата свое обраќање имаше директорката на библиотеката Билјана Петровска, која истакна дека изборот помеѓу електронското и традиционалното читање зависи од личните навики и потреби.

„Најважно е да се чита, без разлика на форматот, бидејќи читањето секогаш го збогатува умот и духот“, нагласи Петровска, додавајќи дека библиотеката, во зависност од можностите, ќе работи на дигитализација на својот книжевен фонд.

Пред присутните зборуваше и Билјана Стоилова, наставник по македонски јазик во ООУ „Ванчо Прке“, која се осврна на значењето на читањето и познавањето на македонската граматика.

Во дискусијата се вклучи и Даниела Такева од Општина Делчево, лектор и поранешен новинар, која говореше за предизвиците што ги носи дигиталното време, употребата на латиницата наместо кирилицата на социјалните мрежи, како и честата појава на зборови со погрешно или изменето значење.

–Без разлика дали текстот е во книга, на екран или во кратка објава, јазичната точност е она што му дава кредибилитет, јасност и вредност. Лектурата не е само техничка проверка – таа е процес на „чистење“ и усовршување на мислата. Таа обезбедува текстот да биде разбирлив, логичен и стилски уедначен. Во традиционалното издаваштво, лектурата била задолжителен чекор, што придонело книгите да станат пример за правилен јазик и култура на изразување. Денес, со лесното објавување на содржини онлајн, овој чекор често се прескокнува, што води кон пад на јазичните стандарди, нагласи Такева.

Свое искуство сподели и Југра Симева, наставник по македонски јазик во пензија, која зборуваше за тоа како учениците во минатото ја доживувале книгата и љубовта кон читањето.

Сите говорнички се и редовни читатели, а дискусијата отвори значајни прашања за навиките на читањето во современото време и улогата на книгата во дигиталната ераи јазичната култура.

По традиција, на Светскиот ден на книгата, ЈЛБ „Илинден“ – Делчево го избира и читателот на годината. Годинава ова признание им припадна на Даниела Стефановска и Едвина Бекирова, со желба и понатаму да останат верни читатели на библиотеката.

Инаку, 23 април е избран за Светски ден на книгата и авторското право во чест на големите книжевни великани Мигел де Сервантес и Вилијам Шекспир.Уште во 1923 година во Шпанија, продавачите на книги започнале традиција на размена на книги наместо рози во чест на Сервантес, а во 1995 година, УНЕСКО официјално го прогласил 23 април за Светски ден на книгата.

Овој ден има за цел да ја поттикне љубовта кон читањето, особено кај младите генерации.

Добредојдовте на официјалната веб страна на Општина Делчево.

Адреса:Ул.Светозар Марковиќ бр.1, 2320, Делчево

Работно време:Понеделник – Петок: 07:30 – 15:30 часот(Пауза од 10:30 до 11:00 часот)

Телефон / Факс:+389 33 411 550

Е-поштаinfo@delcevo.gov.mk

Веб страна:www.delcevo.gov.mk


Извор: Општина Делчево