Настанот го отвори претседателот на Советот на Општина Кочани, Александар Андов, а присутните дискутираа за развивање заеднички решенија, процедури и методологии за справување со ризикот од шумски пожари, со посебен фокус на заштитените подрачја. Проектот овозможува длабинско разбирање на ризикот од пожари и идентификација на екоодржливи мерки за намалување на бројот, обемот и сериозноста на штетите предизвикани од шумските пожари, како и за зголемување на отпорноста на екосистемите.
Покрај конференцијата, во рамките на регионалната посета се одржа и работен состанок меѓу партнерите, како и студиска посета на Територијалната противпожарна единица – Кочани, Доброволното противпожарно друштво – Кочани и заштитеното подрачје Осоговски Планини, со цел размена на практични искуства и добри практики во справување со шумски пожари.
Проектот RES2FIRE се имплементира во периодот од 1 јули 2024 до 30 јуни 2027 година, а водечки партнер е Центарот за интегрирана геоморфологија за Медитеранската област од Потенца, Италија. Партнери во проектот се организации од Грција, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Словенија и Северна Македонија. Општина Кочани е вклучена како проектен партнер, додека како асоцијативни партнери се јавуваат ЈП Национални шуми, како управувач на заштитеното подрачје Осоговски Планини, и Доброволното противпожарно друштво – Кочани.
Конференцијата во Кочани претставува значаен чекор во зајакнувањето на регионалната соработка и размената на знаења за намалување на ризикот од шумски пожари и приспособување кон климатските промени. Претходно, слични настани се одржаа во Потенца – Италија, Бања Лука – Босна и Херцеговина и Тирана – Албанија.
Извор: Општина Кочани