Со подобрување на временските услови започнуваме и со инфраструктурните проекти кои ги подготвуваме изминатиот период. Денес започнавме со реконструкција на водоводната и канализационата мрежа на улица „Ванчо Прке“, улица која ја поврзува Виница со населба и село Градец.Се предвидува реконструкција на водоводната мрежа во должина од 558 метри односно замена на азбест-цементни со полиетилентски цевки со висок квалитет. Како и реконструкција на канализационата мрежа во должина од 543 метри, која е доста стара, изградена од неквалитетни материјали и јавното комунално претпријатие се соочуваше со постојани дефекти на истата. Веднаш после реконструкцијата на комуналната инфраструктура на оваа улица на која има голема фреквенција на сообраќај бидејќи се поврзува со локалниот пат Виница-село Градец и која беше многу оштетена и нереконструирана најмалку 20 години, ќе следува и нејзина целосна реконструкција.Доколку овозможат временските услови градежните работи треба да завршат за 1 месец и тој период граѓаните кои гравитираат кон населба и село Градец ќе ја користат улицата „Кеј 30-ти Август“.Финансиските средства за овој проект, вклучувајќи ја и реконструкцијата на улицата, изнесуваат вкупно 11.486.330 денари и се обезбедени преку повикот на Владата за инфраструктурни проекти за општините од Министерството за животна средина и Министерството за транспорт.
Извор: Општина Виница