Велосипедската тура се одвиваше на релација Прилеп – Мало Коњари – Прилеп, во должина од 12 километри, а учество зедоа деца, млади, рекреативци, спортски ентузијасти и професионални велосипедисти, испраќајќи силна порака за здрави животни навики, спортски дух и грижа за животната средина.
Манифестацијата ја отвори градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, кој ја истакна важноста од користењето на велосипедот како еколошко и практично превозно средство.
„Прилеп уште еднаш покажа дека спортот, рекреацијата и заедништвото се вистински вредности кои ги обединуваат сите генерации. Велосипедот не е само средство за рекреација, туку и практичен начин на транспорт кој придонесува за почиста животна средина и поздрав живот. Како локална самоуправа, продолжуваме да создаваме услови и можности за поголема употреба на велосипедот и поддршка на вакви спортско-рекреативни настани“, истакна градоначалникот Проданоски, кој активно учествуваше во велосипедската тура.
Манифестацијата „Сите на велосипед“ е во организација на велосипедскиот клуб и сервис „Илинден“, под покровителство на Општина Прилеп.
Извор: Општина Прилеп
