Во просториите на Основното училиште „7 Март“ започна изградбата на модерен базен, еден од најзначајните спортски проекти за младите генерации во Чаир. Камен-темелникот на оваа инвестиција, вредна околу 1 милион евра, го постави градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити.
Спортскиот објект ќе има современи димензии, со должина од 25 метри и ширина од 8,80 метри, додека длабочината на базенот ќе биде прилагодена за учење и тренинг. Проектот има за цел да создаде безбедни и професионални услови за учење пливање, развој на спортски активности и организирање натпревари.
Базенот ќе биде опремен со посебни гардероби, тушеви, простории за тренери и современа опрема, исполнувајќи ги современите стандарди за безбедност и енергетска ефикасност.
Оваа инвестиција претставува значаен чекор во развојот на спортската инфраструктура во општината и создавање современи услови за спортски и рекреативни активности за учениците и граѓаните.
Извор: Општина Чаир