Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, изврши увид во активностите за санација на инфраструктурата во ООУ „Димитар Миладинов“, со кои ќе се подобрат условите за учење, работа и спортување во училиштето.
Во првата фаза се изведува нова канализациона мрежа, одвоена од атмосферската, со што се решава долгогодишниот проблем со затнување и прелевање на шахтите. Воедно, се реконструира санитарниот јазол до фискултурната сала, каде се заменуваат старите водоводни и одводни цевки и се поставуваат нови санитарии.
„Во летниот период, локалната самоуправа планира санации во повеќе училишта на iсвоја територија, а во овој објект веќе се реализираат неопходни инфраструктурни зафати. Санацијата на канализационата мрежа во овој објект беше неопходна за да се реши долгогодишниот проблем“, посочи Герасимовски.
Покрај тековните активности, во план е и реконструкција на кровот, како и санација на училниците на третиот кат и просторијата за наставниците, каде има протекување, за што е потребно зелено светло од Советот на Општина Центар.
Со овие вложувања, Општина Центар продолжува со уредување и зајакнување на училишната инфраструктура, со цел да обезбеди побезбедна, пофункционална и посовремена средина за учениците и вработените.
Извор: Општина Центар