За таа цел беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Општина Радовиш, Детската фондација Песталоци и Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО). Од страна на Општина Радовиш меморандумот го потпиша градоначалникот Љупче Почивалец.
Проектот е во својата трета фаза на реализација и ќе се спроведува во периодот од 1 јануари 2026 до 31 декември 2028 година. Во него се вклучени 12 општини со вкупно 24 основни училишта низ државата.
Особено значајно е што Радовиш е избран како една од трите пилот-општини за инклузивно образование, заедно со Штип и Прилеп. Преку оваа иницијатива ќе се работи на унапредување на условите за еднаков пристап до образование за сите ученици, со посебен акцент на децата со посебни образовни потреби.
Целта на меморандумот е воспоставување стратешко партнерство и ефективна соработка меѓу институциите за успешна имплементација на проектните активности на локално и национално ниво. Активностите ќе бидат насочени кон подобрување на инклузивните образовни политики, јакнење на капацитетите на образовните институции и создавање услови за квалитетно, достапно и родово одговорно образование.
Од Општина Радовиш истакнуваат дека учеството во проектот претставува значаен чекор кон создавање образовен систем кој овозможува еднакви можности за учење, учество и развој на секое дете, без разлика на неговите индивидуални потреби.
Проектот се реализира во соработка со национални институции и образовни установи, со цел долгорочно унапредување на инклузивното образование во Македонија.
Извор: Општина Радовиш
