На настанот присуствуваа сите 18 градоначалници на двата региона, со што официјално започна оперативната фаза на регионалниот систем за управување со отпад.
На седницата беше истакнато дека воспоставувањето на МОУО е резултат на повеќегодишна координирана работа на општините, институциите и меѓународните партнери и претставува значаен чекор кон создавање модерен, ефикасен и одржлив систем за управување со отпад.
Во рамки на состанокот беше презентирана и новата веб-платформа „Регион без отпад“, која ќе служи како централно место за информации, координација и транспарентна комуникација со јавноста, како и за следење на работата и напредокот на регионалниот систем.
Посебен акцент беше ставен на планираните активности за првата половина на 2026 година, меѓу кои се изградба на претоварни станици, набавка на возила и опрема, изработка на нов Регионален план за управување со отпад, формирање на регионално комунално претпријатие, како и зајакнување на комуникацијата со граѓаните и управувањето со податоци.
Работата на Меѓуопштинскиот одбор е поддржана од проектот „Одржливо управување со отпад на локално ниво“, финансиран од Шведска и имплементиран од SALAR International, во соработка со општините и националните институции.
Извор: Општина Охрид
