По повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март, во рамки на националната кампања на Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата посветена на улогата на жената во безбедноста во сообраќајот, во Општина Кривогаштани беше реализирана превентивно-едукативна активност насочена кон подигање на свеста за безбедно учество во сообраќајот.
Активноста беше организирана од Општински совет за безбедност во сообраќајот Кривогаштани во соработка со Министерство за внатрешни работи – Одделение за сообраќај при Полициската станица Кривогаштани, компанијата Авто Контрол Прилеп, како и ученици од сообраќајната струка од СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ Прилеп.
Во рамки на активноста, на повеќе локации во Кривогаштани на жените учесници во сообраќајот – возачи, пешаци – им беа поделени симболични подароци, цвеќе и едукативни материјали со пораки за внимателно и одговорно однесување во сообраќајот. Градоначалникот на Општина Кривогаштани Игор Каравилоски , претставниците на институциите и учениците им го честитаа празникот 8 Март и им посакаа многу здравје, среќа и безбедни патувања.
Преку оваа активност беше испратена порака за почит и благодарност кон жените, но и за нивната важна улога во градењето на сообраќајната култура. Жените често се носители на пораките за одговорно однесување во сообраќајот, потсетувајќи ги најблиските на внимателно возење и почитување на сообраќајните правила.
Кампањата има за цел да ја нагласи важноста на безбедноста на патиштата и да поттикне поголема свест кај сите учесници во сообраќајот, бидејќи безбедноста е заедничка одговорност на целото општество
Извор: Општина Кривогаштани