Кривогаштани: Отворен Центарот за дневен престој на стари лица со активно стареење во Прилеп

објавено во Општински вести | 0
Вчера свечено беше отворен Центарот за дневен престој на стари лица со активно стареење во Прилеп, значаен проект кој претставува нов чекор во унапредувањето на социјалната заштита и грижата за повозрасните граѓани.

Особено нè радува што оваа современа социјална услуга ќе биде достапна и за жителите на Општина Кривогаштани. Нашите сограѓани ќе имаат можност да користат простор за дружење, едукација, рекреација, психосоцијална поддршка и активна социјализација, со што ќе се намали чувството на осаменост и ќе се поттикне активното и достоинствено стареење.

Овој центар е резултат на успешната соработка помеѓу општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Проектот на Светска банка за подобрување на социјалните услуги и здружението „Центар за развој и едукација“, кое даде значаен придонес во воспоставувањето на оваа услуга. Ова е уште еден доказ дека кога институциите и граѓанскиот сектор работат заедно, се создаваат трајни придобивки за граѓаните.

Како Општина Кривогаштани, остануваме посветени на развојот на социјалните услуги и на создавањето услови секој граѓанин да има пристап до квалитетна грижа, без разлика на возраста. Ќе продолжиме да ги поддржуваме сите иницијативи што го подобруваат квалитетот на животот и ја зајакнуваат солидарноста во нашата заедница.

Веруваме дека овој центар ќе биде место каде што ќе се создаваат нови пријателства, ќе се поттикнува активното стареење и ќе се негува достоинството на нашите повозрасни сограѓани.


Извор: Општина Кривогаштани