Денес во Прилеп се одржа едукативен настан во рамки на националната кампања „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, чија цел е подигнување на свеста за безбедно учество во сообраќајот.
На настанот присуствуваа градоначалниците на Прилеп и Кривогаштани, претставници од Општинските совети за безбедност на сообраќајот, како и ученици – првачиња од двете општини. Централна активност беше изведбата на детската претстава „Застани, погледни, па на пешачки премин премини“, која ја проследија над 600 ученици.
„Целта е да ја подигнеме сообраќајната свест кај децата и да спречиме несакани последици. Децата се највредното што го имаме и нивната безбедност е приоритет“, изјави м-р Горан Ангеловски од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот.Во наредниот период ќе следуваат активности насочени и кон матурантите, особено во пресрет на матурските прослави.Минатата година во земјава се регистрирани 8.183 сообраќајни незгоди, со 132 жртви, меѓу кои и деца.
Пораката е јасна: повеќе внимание, одговорност и почитување на правилата значат поголема безбедност за сите, а особено за децата.
Извор: Општина Кривогаштани