Настанот беше збогатен со бадникова поворка во која учествуваа околу 300 деца од двете основни училишта во Крива Паланка, заедно со членови на културно-уметничките друштва. Со носење божиќни ѕвезди и изведба на традиционални бадникови и божиќни песни, најмладите испратија силна порака за негување на духовното наследство и пренесување на празничните вредности на идните генерации.
Во рамки на манифестацијата беше одржана и пригодна уметничка програма со бадникови и божиќни песни, во изведба на ученици под менторство на проф. Лариса Жулина Митовски, со што празничната атмосфера доби и свечена културна димензија.
Посебно место во програмата имаше традиционалниот избор и предавање на бадникарското кумство – обред што симболично ја продолжува духовната традиција и ја пренесува пораката на здравје, среќа и благосостојба. Во таа насока беше организирано и делење бадникови лепчиња со паричка, како дел од народните обичаи поврзани со празникот Бадник.
Манифестацијата имаше и хуманитарен карактер. За посетителите,од страна на Општината беше организирана и подготвена традиционална бадникова трпеза, како и празнични пакетчиња со овошје и слатки кои се продаваа по симболични цени, а собраните средства се наменети за поддршка на матуранти од семејства во социјален ризик.
Со организација на вакви настани се афирмираат традицијата, заедништвото и семејните вредности, зошто бадниковата прослава претставува важен сегмент од културниот и духовниот идентитет на локалната заедница и пошироко. Општина Крива Паланка изразува голема благодарност до сите учесници и граѓани, кои со своето присуство придонесоа за достоинствено одбележување на празникот Бадник, во пресрет на Божиќ.
Извор: Општина Крива паланка
