Крива Паланка (Новости): Започна реконструкцијата на патот кон Калин Камен, градоначалникот изврши увид во градежните активности

објавено во Општински вести | 0
Општина Крива Паланка ја започна реконструкцијата на патниот правец кон туристичкиот локалитет Калин Камен, проект од значајно инфраструктурно и туристичко значење за регионот.

Со реализацијата на оваа инвестиција ќе се подобри пристапноста до еден од најубавите природни и туристички локалитети во североисточниот дел на државата, со што се создаваат подобри услови за развој на туризмот, поттикнување на локалната економија и поголема достапност за посетителите.

По повод почетокот на градежните активности, градоначалникот на Општина Крива Паланка, заедно со стручните служби од општината, изврши увид на терен во текот на градежните работи и планираната динамика за нивна реализација

Проектот опфаќа реконструкција на патен правец во должина од околу 6 километри, со вкупна вредност од 61.116.772,50 денари со вклучен ДДВ. Финансиските средства за реализација на проектот се обезбедени преку Министерството за транспорт.

Носител на проектот-инвеститор е Општина Крива Паланка, додека изведувач на градежните активности е компанијата ДППУ „Сандра Инженеринг“ ДОО Скопје.

Со реконструкцијата на оваа патна делница значително ќе се подобри сообраќајната инфраструктура кон Калин Камен, што ќе придонесе за поголема туристичка атрактивност на локалитетот и унапредување на туристичката понуда на Општина Крива Паланка.


Извор: Општина Крива паланка