На средбата беа разменети впечатоци од балетската претстава, прва во кочанскиот Центар за култура. Градоначалникот Грозданов го изрази задоволството и благодарноста за организираниот културен настан, кој испраќа силна порака за поддршка, која многу му значи на Кочани. Уметниците и организаторите истакнаа дека целта на настанот не е само финансиска помош, туку и долгорочна грижа за физичкото, емоционалното и духовното закрепнување на погодените. Водени од пораката „Љуби го својот ближен како себеси“, тие повикаа на заедничка поддршка и солидарност.
Професионалната христијанска балетска компанија од САД, „Ballet Magnificat“, настапи пред бројна публика, а средствата од продадените билети и донациите се наменети за медицинска нега, терапија и поддршка на жртвите и на нивните семејства.
Турнејата на „Ballet Magnificat“ во земјава се реализираше од 17 до 23 април, со настапи во Скопје, Штип и Кочани. Настанот во Кочани беше организиран од Евангелската црква, предводена од пасторот Венцо Наков, како дел од пошироката иницијатива за помош и обнова на заедницата.
Извор: Општина Кочани