Станува збор за спортска сала со вкупна површина од 1.400 квадратни метри, проектирана согласно европските нормативи (EN) и стандардите на меѓународните спортски федерации како ФИБА, ИХФ и ФИВБ. Објектот ќе биде мултифункционален простор наменет за одржување на часови по физичко образование, тренинзи на спортски клубови, спортски школи и официјални натпревари од локален и регионален карактер. Во салата ќе може да се практикуваат ракомет, мал фудбал, кошарка, одбојка, тенис, бокс, борење, пинг-понг и други спортско-рекреативни активности, а предвидена е и изградба на трибини со капацитет од 300 до 400 гледачи.
Градоначалникот Лукровски истакна дека изградбата на салата претставува важен чекор во унапредувањето на образовната и спортската инфраструктура во Карпош.
„Создаваме услови учениците да имаат современ и безбеден простор за физичка активност, а спортските клубови да добијат квалитетна инфраструктура за тренинг и натпревари“, – изјави Лукровски.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, изјави дека станува збор за многу значаен објект, како за учениците, така и за локална заедница.
„Со изградбата на оваа сала обезбедуваме современ и функционален простор што ќе можат да го користат не само учениците, туку и сите деца од општината и по завршувањето на наставата. Тоа е важно затоа што правилниот раст и развој на младите зависи и од условите што им ги обезбедуваме денес. Ова е инвестиција во нивната иднина, во нивното здравје и добросостојба“, – смета Јаневска.
Премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека Владата останува посветена на поддршка на вакви проекти низ целата држава.
„Инвестирањето во училишната и спортската инфраструктура значи инвестирање во здрави генерации и во подобри услови за раст и развој. Со вакви проекти испраќаме јасна порака дека создавањето квалитетна јавна инфраструктура е еден од нашите приоритети“- изјави Мицкоски.
Изградбата на објектот започна во средината на јануари годинава, а градежните активности се очекува да завршат до мај. Изведувач на проектот е компанијата „Конструктор“, а вкупната вредност на инвестицијата изнесува 63.843.523 денари.
Со реализацијата на оваа сала, Влае добива современ спортски простор кој ќе биде во функција на учениците, спортските клубови и пошироката локална заедница, а Општина Карпош продолжува со континуирано унапредување на условите во основните училишта на својата територија.[/vc_column_text][vc_video link=”https://youtu.be/rZvDFi224uc?si=0g-HFmmaSw_oLZrJ”][vc_separator color=”blue” border_width=”3″][vc_images_carousel images=”60487,60488,60489,60490,60491,60492,60493,60494,60495,60496,60497,60498″ img_size=”full” slides_per_view=”4″ hide_pagination_control=”yes”][/vc_column][/vc_row]
Извор: Општина Карпош
