На денешната прес-конференција, градоначалникот Иван Гоцевски истакна дека Разловци не е само историја, тоа е жива порака дека слободата се сонува, но и се освојува, дека идентитетот не се подарува, туку се брани со срце, крв и жртва.
-Разловци е место од каде се разгорела искрата за слобода и го запишала со црвени букви во историјата- првото вооружено востание организирано со сопствени сили и средства во Предлиниденскиот период, Разловечкото востание, а на знамето на Разловечкото востание извезано во 1876 година од вредните раце на учителките Недела Петкова и нејзината ќерка Станислава Караиванова во Солун, како јасен и гласен историски фактстои името Македонија, нагласи Гоцевски.
Настаните започнуваат од денеска, 20 април, со распишување на литературни конкурси, ќе следуваат изложби, музички настани, историски часови во училиштата, ликовна колонија во село Разловци, а по повод јубилејот во Делчево ќе се одржи и локален базар на рачни изработки и производи во центарот на Делчево во функција на локалниот економски развој.
-На предвидената научна трибина на 18 мај, еминентни македонски историчари ќе изнесат свои научни трудови за различни аспекти на Разловечкото востание и неговите рефлексии и значење во модерен контекст. Во соработка со Генерал-штабот на Македонската армија во Делчево на 18 мај ќе се одржи концерт на армискиот оркестар проследен со егзирцир на Батаљонот за почести во рамки на пешадискиот состав на Армијата. Тој ден на летната сцена во Делчево го очекуваме и настапот на Националниот ансамбл за народни игри и песни Танец, како и настап на познати македонски фолк- изведувачи, нагласи Гоцевски.
Централниот настан за одбележување на 150 годишнината од Разловечкото востание на највисоко државно ниво и почести ќе се реализира во селото Разловци на 19 мај.
-Со планинарски марш „По врвиците на востаниците” со учество на припадници на Македонската армија и полиција, Организацијата на резервни воени старешини, планинарски клубови и останати граѓани, ќе започне централниот настан за одбележување на 150- годишнината од Разловечкото востание на 19 мај. Предвидени се обраќања на највисокиот државен врв од центарот на село Разловци.Тогаш, свечено ќе биде отворен целосно реконструираниот и опремен Спомен- дом „Разловечко востание“ во селото Разловци во присуство на високи претставници на Македонските институции во државата и истакнати македонски општествени дејци. Со голема посветеност на Националниот конзерваторски центар, на Министерството за култура и туризам, но пред сè на македонската Влада предводена од премиерот, Домот во селото Разловци го добива својот заслужен нов лик како Споменик на културата на нашата држава. Во дворот на црквата „Свети цар Константин и царица Елена“ на 19 мај ќе биде приреден свечен световен ручек за сите присутни гости. Селото Разловци го добива заслуженото внимание на највисоките државни институции во Македонија, истакна Гоцевски.
Разловци ќе биде домаќин на високи претставници од државата, од најразлични институции, уметници, гости од Општината, но и на сите добронамерници кои ќе го посетат востаничкото Разловци и ќе бидат дел од свеченоста за да ја почувствуваат магијата на времето и да бидат сведоци на историјата и современоста, на спомените кои ја испреплетуваат индивидуалната жртва и колективната слобода, но и да го осетат спојот на локалното Разловци со националното значење.
-Во оваа прилика изразувам најголема благодарност до македонската Влада и премиерот проф. д-р Христијан Мицкоски, Министерството за култура и туризам, Националниот конзерваторски центар Скопје, Музеј на Македонија, Началникот на Генералштабот на Македонската армија и сите локални институции, но и пријатели на Делчево коишто несебично се вклучуваат и даваат поддршка за достојно одбележување на овој голем јубилеј не само за Делчево, туку за целиот Македонски народ. Ги поканувам сите граѓани да бидат дел од ова одбележување, порача Гоцевски.
За сите предвидени настани во рамки на одбележувањето на 150- годишнината од Разловечкото востание, јавноста ќе биде редовно и детално информирана преку веб-страницата на Општина Делчево, интернет- порталите, социјалните мрежи и останатите медиуми.
Добредојдовте на официјалната веб страна на Општина Делчево.
Адреса:Ул.Светозар Марковиќ бр.1, 2320, Делчево
Работно време:Понеделник – Петок: 07:30 – 15:30 часот(Пауза од 10:30 до 11:00 часот)
Телефон / Факс:+389 33 411 550
Е-поштаinfo@delcevo.gov.mk
Веб страна:www.delcevo.gov.mk
Извор: Општина Делчево
