Во организација на Здружение на жени „Златни срца“ од Виница, вчера во атарот на манастирот Св. Спас во село Драгобраште се одржа манифестација „Месни поклади“.Настанот имаше за цел да ги обедини граѓаните и да придонесе кон зачувување на традицијата, верата и културното наследство. Преку ваквите собири се негуваат вековните обичаи, се зајакнува заедништвото и се поттикнува почитта кон духовните вредности. Здружението „Златни срца“ претставува симбол на хуманост, љубов кон традицијата и посветеност на православната вера. Вредните и неуморни членки континуирано организираат настани со кои се негува македонската традиција и се зачувуваат корените на локалната заедница. Нивната мисија е преку својата работа да внесат топлина, добрина и духовност во секој настан што го реализираат.И оваа манифестација, како и многубројните претходни активности на здружението, имаше хуманитарен карактер. Средствата собрани од продажбата на домашно подготвената храна, изработена од бројни домаќинки, ќе бидат донирани за потребите на манастирот „Св. Спас“.Ваквите иницијативи имаат особено значење за локалната заедница. Општина Виница дава поддршка на настани од ваков карактер, кои истовремено ги поврзуваат луѓето, ја зачувуваат културата и верата и ја поттикнуваат хуманоста.На манифестацијата присуствуваа градоначалникот Митко Костадиновски и пратеничката во Собранието на Република Македонија Даниела Христова, кои во знак на поддршка засадија плодородни и зимзелени дрвца во дворот на манастирот.
Извор: Општина Виница