
На 8ми август на Градскиот плоштад во Кичево се одржа Соларен саем посветен на сончевата енергија, обновливите извори и можностите што им стојат на располагање на граѓаните за поактивно учество во енергетската транзиција.
Саемот беше можност посетителите на едно место да добијат практични и разбирливи информации за користењето на сончевата енергија во домаќинствата, поставувањето фотонапонски системи и придобивките од сопственото производство на електрична енергија. Посебно внимание беше посветено на концептот на просумер, односно можноста граѓаните да бидат и производители и потрошувачи на електрична енергија.
Преку практични демонстрации и интерактивни активности, посетителите имаа можност непосредно да се запознаат со различни начини на производство и користење чиста енергија. На овој начин, темите поврзани со обновливите извори беа претставени не само од технички аспект, туку и преку конкретни примери за нивна примена во секојдневниот живот.
Информативните штандови дополнително овозможија директна комуникација со организации и компании од секторот, каде заинтересираните граѓани можеа да поставуваат прашања и да добијат повеќе информации за достапните технологии, нивната примена и можностите за инвестирање во сопствени соларни системи.
Со одржувањето на Соларниот саем во Кичево продолжија активностите за доближување на обновливите извори на енергија до граѓаните и поттикнување поголема информираност за нивната улога во создавањето почист и поодржлив енергетски систем.
„Соларен саем Струга“ е организиран од Центарот за климатски промени во рамки на проектот „Зајакнување на позитивната перцепција за процесите на праведна транзиција на локално ниво“, поддржан од CAN Europe и кофинансиран од Европската Унија, во рамки на NDICI CHALLENGE/2024/455-010 „Финансирање на поправедни иднини: Проширување на ангажманот и овозможување на инклузивна и родово трансформативна климатска правда во Европа и пошироко“, координиран од CAN Europe и кофинансиран од Европската Унија.



